Македонското Собрание утре добива заштитена соба, односно т.н. глува соба, прва од ваков тип за заштита и за имплементирање на најстрогите меѓународни безбедносни сертификати во државата и во регионот. Собата е физички одвоен простор од другите простории на Собранието и е високо заштитена од секаков вид електромагнетни и радиобранови и во неа е вграден и сертифициран „Фарадеев кафез“ на заштита.
– Заштитената соба е простор со високо ниво на безбедност и заштита, која служи за чување и за работа со класифицирани документи од степенот доверливо, строго доверливо и државна тајна и за одржување состаноци или средби за класифицирани и чувствителни теми. Заштитената соба е неопходна и за поквалитетен надзор над тајните служби и следењето на комуникациите. Влегувањето е дозволено за лицата со безбедносен сертификат и притоа се практикуваат строги безбедносни протоколи. Во неа се архвираат сите класифицирани документи, со истите може да се работи. Изградбата на глувата соба е резултат на активностите што ги реализира Собранието во соработка со DCAF – Женевскиот центар за реформи на безбедносниот сектор, со кои има меморандум за соработка, почнувајќи од 2018 година – велат од Собранието.
Додаваат дека примарна цел е да се создаде безбедна средина каде што класифицирани информации со најголема чувствителност може да се ракуваат со најголема доверливост и интегритет.
– Изградбата на собата треба да создаде услови за остварување ефективен парламентарен надзор врз безбедносните служби – велат од Собранието.
Се предвидува просторијата првенствено да биде наменета за користење на парламентарните комисии што работат со класифицирани информации, а ќе може да ја користат и други државни органи доколку имаат потреба за тоа, но со претходно одобрение на Собранието.
– Воспоставувањето на заштитената просторија и заштитениот работен простор означува значајна пресвртница во посветеноста за зајакнување на парламентарниот надзор над безбедносниот и разузнавачкиот сектор – посочуваат од Собранието, од каде што додаваат дека проектот е и барање на НАТО и ќе биде особено важен и неопходен при отворање на поглавјата 23 и 24 во пристапните преговори со ЕУ за влез во Унијата.
Работите на проектирање, изградба и опремување на глувата соба започнаа пред 2020 година и во изминатите години се соочуваа со бројни тешкотии и застои, поради недостиг на сериозни и сертифицирани понудувачи и понуди.
Цената на чинење на вкупниот процес на проектирање, изградба и опремување на глувата соба се проценува до 1 милион евра.