Пораките што пристигнуваат на македонска адреса од официјална Софија, во однос на почитувањето на европските вредности, не соодветствуваат со постапките од земјата која не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Коментирајќи ја изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, порача дека, за жал, постојат земји членки на ЕУ што не ги почитуваат европските вредности, алудирајќи на 14. пресуди за Македонската заедница во Бугарија, од Судот во Стразбур, кои Софија ги игнорира. Минатата недела и Советодавниот комитет на Советот на Европа, за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, излезе со критики за нашиот источен сосед, дека нема доволна свест за малцинските права |
Полна уста со европски вредности, празно портфолио на нивно почитување. Пораките што пристигнуваат на македонска адреса од официјална Софија, во однос на почитувањето на европските вредности, не соодветствуваат со постапките од земјата која не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Коментирајќи ја изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова, која ги повика македонските власти „да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање“, македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, порача дека, за жал, постојат земји членки на ЕУ што не ги почитуваат европските вредности, алудирајќи на 14. пресуди за Македонската заедница во Бугарија, од Судот во Стразбур, кои Софија ги игнорира.
-Колку што сум информиран, апсолутно ние, како држава, ги почитуваме и постапуваме доколку постојат такви пресуди од институцијата што е одговорна да носи одлуки за почитување и за непочитување на човековите права, тоа е Судот за човекови права во Стразбур. За жал, имаме земји членки во Европа што имаат десетици такви пресуди, кои не ги почитуваат. Претпоставувам, тоа ќе важи и за земјите членки, не само за кандидатите. Јас би сакал да ја упатам Јотова да го даде овој совет и кон тие земји членки што треба, конечно, да ги почитуваат и што се испречени пред можни санкции за почитување на човековите права. Еве, имаме такви 14 пресуди за Македонската заедница во Бугарија. Еве, ги повикувам истите овие што ни даваат нам совет, да ги советуваат и бугарските власти да може да дозволат Македонската заедница барем да се организира во невладини организации. Ние не бараме да бидеме дел од Уставот, барем од тоа што таму сум го слушнал, туку да се организираат во невладини организации. Тоа е нешто што може да го направат во таа насока, бидејќи јас, колку што знам, Бугарија, како држава, е потписник на Резолуцијата за заштита на човековите права – изјави во петокот премиерот Мицкоски.
Неговата реакција доаѓа по повикот од бугарската потпретседателка до политичарите во земјава подобро да ги разберат европските вредности.
– Би сакала да ги повикам моите колеги од Република Северна Македонија да ги читаат европските вредности со поголемо разбирање, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ, постои едно главно прво поглавје – „Основни права“. Овие права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една земја што верува дека не се почитуваат човековите права, особено оние на претставниците на различни народи, овој процес никогаш нема да заврши – истакнала потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во своето обраќање на тркалезна маса во Ќустендил.
Јотова рекла дека „агресијата, не само вербалната, е непростлива, кога насилството крие тврдоглава, но длабоко погрешна теза и, уште повеќе, неисполнување на веќе преземените меѓународни обврски“.
– Веројатно, ќе погодите дека станува збор за еден од нашите западни соседи – Република Северна Македонија, за која, за жал, последниве години, наместо за потпишаниот договор и неговото спроведување, што го носи името „Добрососедство“, сака да одиме во спротивна насока. Неподносливо е кога една страна треба да го трпи недостигот на почитување на човековите права, со газење на правото на изразување, да кажува кој сте, од каде доаѓате и со кое потекло – ја пренесе БТА изјавата на Јотова.
Таа посочила дека Бугарија никогаш немала таков јазик во однос на соседите и дека Бугарите не биле воспитувани да ги навредуваат соседите.
– Бугарите никогаш не биле воспитувани да ги навредуваат соседите, да имаат претензии – територијални, јазични, културни и така натаму, така што многу се надевам дека наскоро истото ќе се случи и во земјите што нè опкружуваат. Ние, Бугарите, сакаме Република Северна Македонија, чие самоопределување како земја први го признавме во цела Европа, да напредува посигурно во својата европска интеграција. Ова е можно само кога се почитуваат меѓународните ветувања и го нема јазикот на омраза – рекла бугарската потпретседателка.
На настанот со наслов „Бугарите на Балканот надвор од границите по 1878 година. Кодекс на опстанок“, кој се одржал под покровителство на потпретседателката, учествувале и претставници на бугарските заедници од Македонија, Албанија, Грција, Косово, Романија, Турција и од Србија. Како што објави БТА, бугарската потпретседателка го коментирала и примерот со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и нејзиното бугарско државјанство.
Наспроти ваквите тврдења што доаѓаат од бугарска страна, сосема спротивни се заклучоците и пораките од европски институции. Покрај постојаните предупредувања за непочитување на пресудите на ЕСЧП, минатата недела и Советодавниот комитет на Советот на Европа, за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, излезе со критики за нашиот источен сосед дека нема доволна свест за малцинските права.
– Додека Бугарија игра сè поактивна улога во унапредувањето на правата на бугарските малцинства во странство, истите напори не може да се забележат внатре во земјата. Генерално, постои недоволна свест за малцинските права како составен дел на човековите права. Нема заложба ниту за спроведување бројни препораки за прашања како што е принципот на слобода на самоопределување, унапредување и заштита на малцинските права и потребата за целосна еднаквост и интеграција во општеството на сите што живеат во Бугарија. Лицата што се идентификуваат како Македонци продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, но властите не признаваат постоење објективни критериуми, што им го отежнува остварувањето на индивидуалните права. Нивните обиди за регистрација на здруженија не успеаја – стои во објавениот документ.
Комитетот на Советот на Европа нотира дека се потребни повеќе активности од бугарските власти во однос на правата на националните малцинства и ѝ порачува на официјална Софија „да ги усогласи своите активности со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства“. (В.С.Н.)