Почеток КУЛТУРА Со културен туризам, нови закони во образованието и со капитални инвестиции во спортот светот да чуе за уникатната македонската приказна

Со културен туризам, нови закони во образованието и со капитални инвестиции во спортот светот да чуе за уникатната македонската приказна

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Платформата „100 % посветено на тебе” е иницијатива на Владата, со цел да се обезбедат транспарентност и отворен дијалог со граѓаните и можност да се информираат за активностите на Владата во првите 100 дена од мандатот, како и за работата, целите и за остварувањата на ресорните министерства

 

Развивање на културниот туризам, нови закони во образованието и капитални инвестиции во спортот се дел од заложбите во насока на создавање успешна македонска приказна пред светот. Ова, меѓу другото, беше истакнато од министрите за образование и наука, за култура и туризам и за спорт, Весна Јаневска, Зоран Љутков и Борко Ристовски, на вчерашната четврта по ред трибина во рамките на платформата „100 отсто посветено на тебе – мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и на спортот“, која се одржа вчера.

Министерот Љутков, говорејќи за проблемите и за предизвиците се кои се соочил по преземањето на функцијата, посочи дека тие барале посветеност, со цел да се санираат последиците и да се постигнат важни решенија. За надминување на состојбите, со ребалансот на буџетот, истакна министерот, обезбедени се дополнителни средства. Тој ги посочи и значењето и потенцијалот на културниот туризам и на креативните индустрии како двигатели за економски развој и за глобална промоција на земјата.

– Уникатното културното, духовно и историско богатство што го поседуваме, со својот широк спектар, е особено значајно за туристичката понуда. Креативните индустрии, пак, ги гледаме како можност за економски развој и за промоција на земјата како препознатлива дестинација на културната карта на Европа и пошироко – рече министерот Љутков. Предизвиците и можностите што ги носи туризмот со себе, според него, се начин да биде раскажана пред светот македонската приказна, а истовремено ќе овозможат системско подобрување на условите во овој сектор. Во тој контекст беше истакната и соработката со германскиот тур-оператор, компанијата РСД, партнерство што, почнувајќи од февруари идната година, ќе носи 35 илјади туристи од Европа годишно.

Министерката за образование, пак најави дека се подготвува стратешки документ во кој ќе има јасно дефинирани цели за долгорочен развој на квалитетот на образованието и насоки за остварување на тие цели.

– Идејата е овој документ да биде на јавна расправа, а потоа да се донесе во Собранието, за во иднина, кој министер и да дојде, да знае по која патека ќе се движи образованието – објасни министерката Јаневска, додавајќи дека врз основа на овој документ, потоа ќе биде изготвена и следната стратегија за образованието, во која подетално ќе бидат објаснети целите од декларацијата.
Наскоро, рече Јаневска, ќе се донесе и нов закон за учебници, по што ќе следуваат носење на подзаконските акти, носење нови концепции, како и нови учебници.
– Откако ќе се донесе ова законско решение, ќе се разграничи што е учебник, а што материјал за учење – истакна Јаневска.

Министерот за спорт додаде дека во оваа област се фокусирани на финансирање на проектите за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура како основа за развој на спортот. Ристовски ја истакна важноста на новото Министерство за спорт во заложбата да се врати спортот онаму каде што му е местото во македонското општество, а спортските субјекти да имаат надлежна институција во извршната власт која ќе ги застапува нивните интереси.

– Направивме една комплетна анализа на затечените состојби, обезбедивме финансиски средства за националните клубови и за федерациите што претходно не беа обезбедени. До крајот на годината, ќе отвориме уште една нова програма, која ќе значи поддршка на развојот на женскиот спорт и поддршка за младите таленти. Ќе финансираме програми и ќе бараме резултати. Тоа е еден сосема поинаков пристап. Ќе бидат вреднувани успехот и пласманот во националните првенства, тоа е основата по која ќе се распределуваат државните средства што се однесува до колективните спортови, во индивидуалните спортови ќе се вреднуваат резултатите. Со тоа, ќе го сведеме на минимум просторот за манипулација што го имало претходно – нагласи Ристовски.

Платформата „100% посветено на тебе“ е иницијатива на Владата, со цел да се обезбедат транспарентност и отворен дијалог со граѓаните и можност да се информираат за активностите на Владата во првите 100 дена од мандатот, како и за работата, целите и за остварувањата на ресорните министерства. (Д.Т.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro