Почеток КУЛТУРА Со новите автопатишта, од Скопје до Охрид ќе се патува за час и половина

Со новите автопатишта, од Скопје до Охрид ќе се патува за час и половина

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави дека ќе се работи на најтешкиот дел од коридорот 8 – на трасата на новиот автопат, која ќе го намали патувањето од Скопје до Охрид на само час и половина. Директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, рече дека експропријацијата на земјиштето од целиот проект коридор 8 и коридор 10-д ќе заврши до Нова година и потоа американско-турскиот изведувач ќе може слободно да го започне видливиот дел од изградбата на автопатиштата

 

По неколку помпезни најавувања за почеток на изградбата на четирите автопатишта во земјава, од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, вчера реално започнаа теренските работи на делницата од Гостивар до Букојчани и Кичево. Тоа ги собра ресорните министри и премиерот Христијан Мицкоски, заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер, да се видат, во непосредна близина на Гостивар, со надлежните од „Бехтел и Енка“, кои го презентираа последниот напредок на градежните активности на делницата Гостивар – Букојчани, која е дел од Коридорот 8.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави дека ќе се работи на најтешкиот дел од коридорот 8 – на трасата на новиот автопат, која ќе го намали патувањето од Скопје до Охрид на само час и половина.

– Трасата на новиот иден автопат започнува од третата или од четвртата патарина и продолжува до Гостивар. Тука имаме комплетно ново решение од двете страни по три ленти, вкупно шест ленти и плус помошен пат. Оттука го заобиколува градот Гостивар, трасата се движи над реката Вардар, оди на три големи моста, кои одат лево од Стража, се заобиколува Стража, оди по планината и излегува од другата страна, кај местото Букојчани. Од Букојчани над Кичево веќе ЈПДП е во претселекција за избор на изведувач за новиот автопат и понатаму, од над Кичево до Охрид, веќе е автопатот што се гради – сликовито објасни Николоски и напомена дека намалувањето на времето на возење од Скопје до Охрид и до Струга целосно ќе го промени функционирањето на економијата, но, исто така, ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст.

Директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, рече дека експропријацијата на земјиштето од целиот проект коридор 8 и коридор 10-д ќе заврши до Нова година и потоа американско-турскиот изведувач ќе може слободно да го започне видливиот дел од изградбата на автопатиштата.

– Оваа обврска е преземена од претходната Ввлада, но многу работи се дури закочени. Експропријацијата не може да се заврши за шест месеци, во август не беше ниту започната. Откако сум дојден, за неполн месец експроприравме 2.400 катастарски парцели. Тоа е главниот проблем за изведување на градежните работи. Кога има застој, плаќаме пенали во милиони евра. Ние сме тука да ја забрзаме оваа постапка за Македонија да не плаќа пенали – рече Трајановски и нагласи дека има останато уште половина катастарски парцели што треба да подлежат на експропријација и тие ќе бидат расчистени до крајот на оваа година.

За премиерот Христијан Мицкоски, ова претставува значаен момент, бидејќи, по две години ветувања и празни муабети, конечно, може да се види нешто што треба да претставува дел од сонот на Владата, а тоа е како да биде нашата земја држава домаќин на три раскрсници.

– А, тоа е транспортна, железничка и енергетска раскрсница. Тоа е нашиот сон. Тоа е мојот личен сон и ќе сторам сѐ, како претседател на Владата, да стане и реалност. Ние сме земја што, за жал, не излегува на море и некој може да го смета тоа како недостаток, но ние треба да сме умни и да го направиме тој недостаток во наша предност, бидејќи сме природна крстосница на два многу значајни коридора, коридорот 8 и коридорот 10 – рече Мицкоски и најави дека следно место каде што се гради, а ќе биде посетено, е делницата помеѓу Прилеп и Битола.

И првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, го поздрави почетокот на работите и истакна дека коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развој на земјата, а особено за економски развој.

– Изразувам лично задоволство што ги гледаме првите работи што се појавија на површина и со тоа се затвора темата за коридорот 8 како политичка тема. Коридорот 8 е приоритет над приоритетите за развој на земјата, за економски развој, каде што немам никакви дилеми дека со „Бехтел и Енка“ ќе бидеме сведоци, во следните недели и месеци, на реализацијата на проектот – изјави Меџити.

Од конзорциумот „Бехтел и Енка“ истакнаа дека проектот значи побрзи и побезбедни патишта и е од исклучителна важност за граѓаните и, секако, за бизнисите, што, секако, многу придонесува за поголем социоекономски развој.

– Повеќе од 750 члена на тимот се локално население од најразлични дејности и ние и натаму ќе го зголемуваме овој број, како што ќе напредува проектот понатаму – истакна претставникот на „Бехтел и Енка“.

Од СДСМ вчера со реакција дека Мицкоски и Николоски се фалат со истиот проект од договорот со „Бехтел и Енка“ и велат дека реализацијата ќе била добра за државата и за граѓаните.

– Кога беше во опозиција, Христијан Мицкоски велеше дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал, дека „договорот помеѓу Владата и ‘Бехтел и Енка’ отворил 10-ина дилеми за историски криминал“, „таму се фатени буквално во сериозен криминал“, „криминалот со ‘Бехтел и Енка’ ќе го кријат со закон“, „ова е историска пљачка“. Вака говореше Мицкоски до пред само неколку месеци. Дојде на власт, седна на премиерската фотелја и веднаш смени лента. Одеднаш сè е различно, сè е супер – велат од СДСМ.

(С.Бл.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro