За крај на Неделата на романски филм, денес, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот, ќе биде прикажан играниот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“.
НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ е црна комедија од 2023 година, по сценарио и во режија на Раду Јуде, еден од најпознатите и најуспешни современи романски режисери, добитник на повеќе награди по најголемите светски фестивали. Познат е по филмовите АФЕРИМ!, НЕСРЕЌНО ДУПЕЊЕ ИЛИ ЛУДО ПОРНО (Babardeală cu bucluc sau porno balamuc), и СИТЕ ВО НАШАТА ФАМИЛИЈА (Toata lumea din familia noastra).
Филмот е необична мешавина од филм есеј, црна комедија, сатира (на современиот живот и еконoмија во Романија), но во суштина е патувачки филм, road movie. Ангела, преморена и недоволно платена асистентка на продукција, вози низ Букурешт за да го снима кастингот за видеото за безбедност на работното место нарачано од една мултинационална компанија. Но, за разлика од конвециите на „роуд“ жанрот, нејзиното патување нема дестинација. Таа ја убива досадата со тоа што честопати запира да постира видеа на ТикТок и Фејс Ап. Досадната идила се нарушува кога еден од нејзините интервјуирани ќе даде изјава што предизвикува скандал и таа е принудена повторно да ја измисли целата приказна.
Во филмот се користат архивски снимки од филмот на Лусијан Брату од 1981 година АНГЕЛА ПРОДОЛЖУВА ПОНАТАМУ (Angela merge mai departe), кој раскажува за една таксистка во Букурешт. Не случајно така се вика и главниот лик на филмот на Јуде. Денешната Ангела посетува многу од локациите користени во филмот од 1981 година.
НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ ја имаше својата премиера на главната конкуренција на Филмскиот фестивал во Локарно во 2023 година каде што доби признание од критиката и Специјалната награда на жирито и беше избран за романски претставник во категоријата за најдобар меѓународен долгометражен филм за 96-тото доделување на Оскарите.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ
(Nu astepta prea mult de la sfârsitul lumii / Do Not Expect Too Much from the End of the World)
Игран филм, Романија / Хрватска / Франција / Луксембург
2023, 143 мин., колор, ДЦП
Режија: Раду Јуде (Radu Jude)
Сценарио: Раду Јуде (Radu Jude)
Улоги: Илинка Манолаче, Овидиу Пиршан, Нина Хос (Ilinca Manolache, Ovidiu Pîrsan, Nina Hoss)
The post Со проекцијата на играниот филм „Не очекувај премногу од крајот на светот“ завршува Неделата на романски филм во Кинотека appeared first on ekran.