Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, денеска оствари средба со Армен Григорјан, постојан претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава.
Главен фокус на состанокот беше реформската агенда, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Министерката Божиновска се осврна на плановите на Министерството и статусот на тековните проекти, како и на можностите за подобрување на идните планови и активности, сè во насока на продлабочување на соработката со Развојната програма на Обединетите нации.
Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство е посветено на активности насочени кон зелена енергетска транзиција и намалување на емисиите на јаглерод. Преку значајни инвестиции во обновливи извори на енергија и целосна гасификација на државата, се создаваат услови за енергетска ефикасност и технолошки развој. Овие активности ќе обезбедат доверлив и одржлив пристап до енергија за граѓаните и стопанството, истовремено заштитувајќи ја животната средина – истакна Божиновска на состанокот.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, истакна дека Развојната програма на Обединетите нации ќе продолжи со силната поддршка на државата и нагласи дека Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство и понатаму може да смета на континуирана и конкретна соработка.
– Нашата поддршка вклучува развој на човечки и институционални капацитети, обезбедување знаење, демонстрација на решенија и градење партнерства. Подготвени сме, доколку е потребно, да ги ставиме на располагање нашите експерти, кои можат да помогнат во повеќе области и проекти, како енергетската ефикасност, еко-пасоши, обновливите извори на енергија, сè со цел успешна реализација на зацртаните проекти на вашето Министерство – истакна Григорјан.
Божиновска изрази благодарност до канцеларијата на УНДП за нивната соработка, нагласувајќи ја важноста на ова партнерство за поттикнување на успешна реализација на македонските национални приоритети и планови за зелена транзиција.