Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Стабилизирана инфлацијата и задржана финансиската стабилност

Стабилизирана инфлацијата и задржана финансиската стабилност

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Најновите оцени за инфлацијата што се движи во рамките на очекувањата, како и постојаните поволни движења на девизниот пазар, овозможуваат и натаму постепено и претпазливо да се нормализира монетарната политика, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска која со вицегувернерката Емилија Нацевска е на Годишните средби со директорите на ММФ и Светската банка.

Таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе има внимателен пристап при носењето одлуки за монетарната политика и ќе ги следи ризиците од надворешното и домашното окружување.

– Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина и Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок – посочи гувернерката.

Според есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, објавени во октомврискиот Светски економски преглед, инфлацијата во земјава ќе се намалува и годинава (3,3%), и следната (2,3%), а до 2026 година ќе се сведе на 2%. Од ММФ препорачуваат натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.

– Преку одржувањето стабилен курс на денарот за време на инфлациската криза, преземањето одлучни чекори за намалување на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, Народната банка имаше клучна улога во одржувањето на стабилноста во економијата, придонесувајќи кон попредвидливо окружување за фирмите и поддршка и заштита на домаќинствата – истакна Ангеловска – Бежоска.

На средбите беше искажано признание за Народната банка, којашто преку комбинација на монетарни и макропрудентни мерки, успеа да ги стабилизира инфлациските очекувања и истовремено да ја задржи финансиската стабилност.

– Соодветната поставеност на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември 2024 година. Банкарскиот сектор за целиот кризен период ја задржа и ја подобри отпорноста и беше значајна потпора за фирмите и домаќинствата – велат од Народната банка.

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro