Во завршна фаза е големиот проект за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Хром – во рамки на подрачното ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
Од септември се очекува учениците конечно да имаат нов, модерен и по сите стандарди простор за физичко образование и спортски активности – нешто што го немале никогаш досега, објави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Салата е целосно опремена со гардеробери, санитарии и потребна инфраструктура. Инвестицијата е вредна 19.730.000 денари со ДДВ.
Стојкоски потенцира дека ова е реализација на едно од најголемите ветувања кон жителите на Хром – и дел од поширокиот план за подобрување на условите во образованието и додаде дека паралелно, во ова училиште се реализира и нова инвестиција од 1.500.000 денари за:
– Нов влез со пристапна рампа, скали и патека,
– Простор за нова трпезарија и кујна,
– Реновирање на стариот дел од училиштето,
– Проширување на ходниците,
– Санација на оштетени делови од кровот.
Со ваквите проекти не само што ги подобруваме просториите, туку создаваме и безбедна, пријатна и поттикнувачка средина за учење и развој. Се грижиме за секој ученик, затоа што нивната добросостојба е наша одговорност, истакна Стојкоски.
Децата се нашата иднина – вложуваме во нив со љубов, посветеност и визија, потенцира во објавата.