Сè поблиску е спојувањето на Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање, премиерот Христијан Мицковски, најави работна верзија на новиот закон до крајот на годината. Мицковски рече дека фузирањето на агенциите во една ќе се прави по хрватскиот модел, каде што со закон во 2006 година тамошната Агенцијата за (странско) разузнавање се спои со Агенцијата за контраразузнавање и се создаде денешна СОА, како единствената цивилна служба одговорна за надворешна и внатрешна безбедност.
„Реформата е потребна бидејќи таа е пракса во земјите коишто се дел од НАТО алијансата и се искуства од САД и Хрватска кои можат да бидат полезни и дел од овој процес на унифицирање на безбедносниот сектор. Ова предизвикува одредена вознемиреност кај удбашките инсталации кои се наоѓаат во опозициските партии кои беа на раководни позиции долги години и сега се вознемирени, бидејќи знаат дека на површина ќе излезат сите скандали и злоупотреби кои ги правеле“, изјави премиерот Мицковски, според кој за спојувањето било разговарано и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, под чии ингеренции е Агенцијата за разузнавање.
Моделот по кој се води премиерот Мицковски хрватската СОА е „откривање, истражување и разбирање на безбедносните закани и предизвици. Преку собирање и анализа на информации кои се релевантни за државната безбедност, при што се обезбедува на државата сигурна разузнавачка поддршка во донесувањето одлуки и активностите за заштита на државната безбедност, интересите и добросостојбата на граѓаните“, а нејзините главни задачи вклучуваат борба против тероризам и насилен екстремизам, контраразузнавање, борба против организиран криминал и корупција, штитење доверливи информации, вршење безбедносни проценки и собирање странски разузнавачки информации.
Поранешниот шеф на хрватската СОА, Драган Лозанчиќ, во неговата анализа „Увиди и научени лекции од реформите на разузнавањето на Хрватска“, пишува дека еден од најголемите предизвици на процесот на трансформација на безбедносниот систем е неговата контрола.
„Ефективноста на парламентарниот надзор беше прекумерно зависна од партиски врски. Класифицирани информации често беа објавувани поради теснопартиски интереси или во интерес на јавна дискредитација на противниците. Во два посебни високопрофилни скандали во текот на мојот мандат, Парламентарната надзорна комисија, која ги истражуваше наводите за злоупотреба, се подели по партиски линии. Во двата случаи, мислењето дека заклучоците на Комисијата ќе им наштетат на нивните политички партии беше поважно од обврската на пратениците да дејствуваат како независни арбитри. Партиските политики превладуваа над должноста, интегритетот и повисоките морални стандарди. Не е чудно што никогаш не собравме храброст отворено да го процениме јавното мислење. Градењето на довербата на јавноста стана лична аспирација која се надевав дека ќе ја застапуваат и сите идни директори“, пишува во својата анализа за реформите во хрватскиот безбедносен сектор Лозанчиќ.
Дали сме зрели за реформи во безбедносниот сектор?
АНБ произлезе од реформата на безбедносно-разузнавачкиот сектор, по скандалот со прислушувањето во Управата за безбедност и контраразузнавање. Дека се планира нејзино спојување со Агенцијата за разузнавање на својот фејсбук-профил најави актуелниот директор Бојан Христовски, странското разузнавање да се спои со националната безбедност во единствена безбедносно-разузнавачка институција.
Поранешниот шеф на военото разузнавање, професорот Владимир Пивоваров, за весникот ВЕЧЕР вели дека ако во минатото не бевме зрели, сега сме уште повеќе несозреани за спојување на агенциите во една.
„Службите не смеат да се стават во интерес на една политика. Спојувањето на Агенцијата за национална безбедност со Агенцијата за разузнавање кои сега се под ингеренции на различни власти, има опасност да доведе до концентрацијата на моќ која повторно ќе се искористи за интересите на една политичка партија. Процесот на спојување од она што досега е познато во јавноста, а тоа се многу малку детали, се води во тајност, не знаеме кој членува во таа експертска група која го подготвува законот“, забележува професорот Пивоваров.
Безбедносните експерти кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР, нагласуваат дека на чело на новиот безбедносен систем треба да биде именуван професионалец со достигнувања во службата.
Има ли волја од граѓанска контрола врз тајните служби?
„Ние сè уште немаме воспоставено вистинска граѓанска контрола врз тајните служби, бидејќи во собранието сè уште не функционира Советот за граѓански надзор , а тоа е главната алка на професионален безбедносен систем“, вели професорот Пивоваров.
Контролата на тајните служби, пак, ќе се следи преку собраниското тело за граѓански надзор, кое ќе детектира дали законски (со судски налог) се прислушуваат телефони. Пет години откако Собранието го формираше првиот состав, врз основа на тогашниот нов Закон за следење на комуникациите, Советот за граѓански надзор остана нефункционален. Според собраниските информации, в петок завршува конкурсот за членови на Советот, бидејќи претходните си поднесоа оставки поради непостоење на услови за работа.
„Советот за граѓански надзор ќе врши надзор над мерките за следење на комуникациите самостојно, по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин кој се сомнева дека неговиот телефонски уред е прислушуван. За тоа ја известува, прави најава на ОТА (Оперативно-техничка агенција) и надлежните институции, но ја известува и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите. Доколку воочи некакви неправилности или непочитување на законот, веднаш го известува јавниот обвинител и ја известува собраниската комисија“, објаснуваат од Собрание.
Вработените во АНБ немаат полициски овластувања, туку само оперативно собираат информации и понатаму ги доставуваат до другите безбедносни органи во државата. ОТА ги поседува уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за прислушувањето, која во минатото беше во рамките на УБК.
Агенцијата за национална безбедност неодамна доби нов директор, Бојан Христовски, кој дојде на местото од разрешениот Зарко Милошевски, кој пак го наследи Виктор Димовски. Тогашната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше изборот на Милошевски и обвинуваше дека е пулен на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ.
(П.А.)