Повод: Предлогот за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик (2)
Деновиве, додека во политичките кулоари на Софија „зрее“ неформалниот предлог даден од македонска страна за „заедничка резолуција за потврда на македонскиот идентитет и јазик“, во бугарските институционални кулоари со умисла беше рециклирана изјавата на бугарскиот историчар и политичар Божидар Димитров, кој кај нас е запомнет по неговата славодобивна изјава пред повеќе години: „Ја добивме третата балканска војна за Македонија без ниеден испукан куршум!“, пишува во својата анализа Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Бугарија сега ги забрзува активностите за да ја добие „третата балканска војна за Македонија без ниеден испукан куршум“ (но овој пат штедро поддржана и потпомогната од ЕУ, особено од Макронова Франција, земјата од која дојде таканаречениот француски предлог). Да се навратиме на изјавата на Димитров, деновиве повторно реактивирана, која гласи: „Ако се исполни Договорот за добрососедство со Македонија, тоа ќе биде крај на македонизмот и навистина претворање на Македонија во втора бугарска држава!“. Сега, според извори од Бугарија, Софија за „заедничката резолуција мудро ќе молчи, ќе тактизира и на крајот ќе ја отфрли“. И овде не се работи само за „дипломатска војна“, која овие денови и седмици официјална Софија ја „разгорува“ до максимум против Македонија и македонскиот народ. Станува збор поточно за нејзина политичко-идентитетска агресија преку „трета балканска војна против Македонија, без испукани куршуми“, како што ќе рече големобугарскиот идеолог Димитров.
Македонската резолуција е моќен инструмент и треба да се
реактуализира и реактивира во сите нејзини сегменти
Внимателно во „дипломатската војна“ додека Данска претседава со ЕУ
Од први јули, откако Данска го презеде претседавањето со Европската Унија, се засилуваат притисоците врз Македонија да го смени Уставот и да го внесе „бугарскиот државотворен народ“ во него.
– Почитувањето на преговарачката рамка и уставните измени се услов С. Македонија да преговара со Европската Унија. Без уставни измени, нема преговори со ЕУ за С.Македонија – изјави со ултимативен тон на 15 јули 2025 година данската министерка за европски прашања Мари Бјере пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. Данска сѐ поотворено врши притисок врз Македонија да го смени Уставот и да внесе „бугарски државотворен народ“ во него. Поправо, оваа скандинавска држава само „посветено“ работи на она што го има кажано нејзиниот поранешен амбасадор Сорен Јакобсен во Софија: „Бугарија сѐ повеќе и повеќе станува наш политички приоритет!“ Од свои политички, економски и други причини Данска станува и „европски адвокат“ на бугарските хегемонистички интереси и стремежи кон Македонија. Ќе наведеме некои факти за данско-бугарските релации што треба да се имаат предвид во текот на „македонско-бугарската дипломатска војна“. Имено, за потсетување, два дански амбасадора во Бугарија за бугарски медиуми, Сорен Јакобсен во интервју за „Дипломатик спектрум“ на 21.12.2019 и Јес Брогард Нилсен во интервју за „Новините“ на 27.9.2022 година, ги нагласиле „многу блиските односи на Данска и Бугарија“ и оти „Бугарија сè повеќе станува дански политички приоритет“?!
Во „Дипломатски спектар“ на 21 декември 2019 година Јакобсен ќе истакне: „Данска и Бугарија имаат многу добри заемни односи. Нашите дипломатски односи датираат од 1931 година. Многу дански компании се етаблирале во Бугарија. Некои од најголемите дански компании се добро позиционирани во оваа држава. Има многу дански инвестиции тука и данската амбасада им помага на компаниите, кои се заинтересирани да започнат или да го прошират свој бизнис во Бугарија. Таа е интересна туристичка дестинација за Данците: речиси 70 илјади дански туристи ја посетуваат Бугарија секоја година. Таа сè повеќе станува политички приоритет за Данска“.
Во интервјуто за бугарскиот информативен портал „Дневник“ на 11 март 2021 година Сорен Јакобсен ќе посочи дополнително: „Бугарија и Данска можат да бидат и политички сојузници по брегзит“.
Посвежи „дипломатски маневри“ на Скопје и на Париз
Но во целиот галиматијас на дипломатски динамики, за издвојување е и дека се забрзуваат и други меѓународни активности и дипломатски „маневри зад завесата“. Потсетуваме дека изминатиов период „Нова Македонија“ веќе објави дека „Париз е подготвен да ја подотвори ЕУ-вратата за Македонија.
Неофицијално дознаваме дека француски дипломат во неврзан разговор рекол дека Брисел и Париз „во процесот со Македонија заглавиле и дека мора да се најде решение да се поправи тоа“! Затоа се предлага: „Скопје да почне со подготовки на процесот за уставни измени, а Брисел да даде зелено светло за отворање на поглавјата“!
Дали тоа е можно кога Софија и Скопје се во дипломатска војна, која е, сепак, веќе сериозно разгорена, а не се отстапува од дополнителните протоколи, кои се идентитетска катастрофа за Македонија?, напиша „Нова Македонија“ пред неколку дена.
Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА