Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во рамките на посетата на Обединетите Арапски Емирати, учествуваше на Светскиот полициски форум – глобална платформа за соработка во областа на безбедноста, технолошките иновации и иднината на полициското работење, на кој учествуваат полициски лидери и експерти од над 100 земји.
Во својот говор на самитот, Тошковски ја разгледа улогата на Северна Македонија како земја со стратешка позиција на Балканот, мала по големина, но голема по важност кога станува збор за регионалната стабилност и европската безбедност.
Тошковски зборуваше за искуствата во управувањето со мигрантската криза, справувањето со трговијата со дрога и организираниот криминал, како и за оперативната соработка со НАТО, ЕУ и други меѓународни партнери.
„Македонија, и покрај ограничените ресурси, покажа способност да даде реален и мерлив придонес во справувањето со транснационалните безбедносни закани“, нагласи Тошковски.
Во рамките на самитот, тој оствари билатерална средба со началникот на полицијата на Дубаи, Абдула Калифа Ал Мари, на која изрази благодарност за можноста нашата земја да биде дел од еден ваков стратешки форум.
„Се договоривме да ја интензивираме соработката на техничко ниво меѓу двете институции, со акцент на размена на знаења и искуства, особено во областа на дигиталната трансформација и имплементацијата на алатки базирани на вештачка интелигенција во полициската работа“, нагласи министерот Тошковски.
press24.mk