Британка загина во трагичен инцидент во француските Алпи додека била на рафтинг на реката Гуисан, во југоисточна Франција, откако паднала од сплав за време на спуштањето, изјави за АФП регионалниот обвинител Марион Лозакмер.
Британката била дел од организирана тура и паднала од чамецот на предизвикувачки дел од реката, објави локалниот весник „Ле Дофин“. Идентитетот на жената не е објавен.
Според извештаите на локалните медиуми, спасувачите ја пронашле на брегот на реката и таа била итно префрлена во блиската болница во критична состојба со хеликоптер.
И покрај напорите на лекарите, таа не можела да биде спасена. „Жртвата за жал почина“, потврди обвинителот Лозакмер.
Смртта на британскиот државјанин ја потврди и Министерството за надворешни работи на Велика Британија, кое соопшти дека е во контакт со француските власти.
Обвинителството започна истрага за сомнение за убиство од небрежност, а наредена е обдукција за да се утврди точната причина за смртта, додаде Лозакмер.
Фото: принтскрин
Текстот Трагедија на Алпите: Британка загина за време на рафтинг е превземен од МАКФАКС.