
Националната гарда на сојузната држава Калифорнија пристигна во Лос Анџелес во неделата, откако беше распоредена од американскиот претседател Доналд Трамп по дводневните протести против рациите за нелегалните мигранти спроведени како дел од тврдокорната имиграциска политика на Трамп.
Во видеата од недела наутро по локално време, околу десетина членови на Националната гарда се видени како се распоредуваат пред федерална зграда во центарот на Лос Анџелес, каде што беа однесени притвореници од рациите за имиграција во петокот, што беше исто така предмет на протести во саботата.
Комплексот се наоѓа во близина на градскиот совет на Лос Анџелес, каде што е закажан уште еден протест против рациите за нелеглните имигранти во неделата попладне по американско време. Северната команда на САД потврди дека единици на Националната гарда почнале да се распоредуваат и дека некои веќе се на теренот.
„Овие протести од радикалната левица, предводени од поттикнувачи и хулигани кои често се платени, НЕМА ДА БИДАТ ТОЛЕРИРАНИ“, објави Трамп на својата платформа Truth Social рано во неделата.
Гувернерот на Калифорнија, опозицискиот демократ Гавин Њусом, го обвини Трамп дека ја распоредил Националната гарда затоа што сакал „спектакл“.
Снимките од неделата покажуваат најмалку пет воени возила и штитови против безредија пред федералната зграда каде што, според Министерството за внатрешна безбедност, околу 1.000 демонстранти протестираа во петокот. Reuters тврди дека не можел да го потврди извештајот за бројноста на демонстрантите.
Во саботата, органите за спроведување на законот се соочија со демонстранти во Парамаунт во југоисточен Лос Анџелес, а подоцна со околу 100 луѓе во центарот на Лос Анџелес, според сведоци на Reuters чии изјави не може да се потврдат. Припадници на федералните органи за спроведување на редот се забележани како испукуваат солзавец кон Парамаунт и центарот на Лос Анџелес во саботата во обид да ги растераат демонстрантите.
Полицијата на Лос Анџелес уапси 27 лица во саботата затоа што одбија да го напуштат протестот во центарот на Лос Анџелес, изјави портпаролката на полицијата Норма Ајзенман.
Канцеларијата на шерифот на Лос Анџелес уапси три лица во саботата под сомнение за напад врз полицаец. Заменик-шерифите употребија „несмртоносна сила“ во Парамаунт, изјави заменик-портпаролката Бренда Серна, без да прецизира за употребените тактики, што и никогаш не било вообичаено за американската полиција.
„Нулта толеранција“
Протестите дополнително го поларизираа во голема мера на демократите наклонетиот Лос Анџелес, каде што податоците од пописот покажуваат значителна популација од Хиспанци и родени во странство, и републиканската администрација на Трамп, која справувањето со имиграцијата го стави во фокусот на својот втор мандат.
Трамп во извршна уредба од саботата објави дека распоредува најмалку 2.000 членови на Националната гарда како одговор на „бројни инциденти на насилство и безредија“ околу спроведувањето на федералниот закон за имиграцијата и како одговор на „веродостојни закани за континуирано насилство“.
Министерот за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека Пентагон е подготвен да мобилизира активни војници „доколку насилството продолжи“ во Лос Анџелес, велејќи дека маринците во блискиот камп Пендлтон се „во состојба на висока готовност“.
„Има многу простор за мирен протест, но НУЛТА толеранција за напаѓање на федерални агенти кои ја вршат својата работа. Националната гарда и маринците, доколку е потребно, стојат со ICE“, рече Хегсет во објава на социјалните медиуми во неделата, осврнувајќи се на американската служба за имиграција и царина.
Демократската конгресменка Нанет Бараган, чиј округ го опфаќа Парамаунт, во неделата ја критикуваше одлуката на претседателот да распореди припадници на Националната гарда, тврдејќи дека локалните органи за спроведување на законот имаат ресурси да одговорат.
„Не ни треба помош. Тој ги ескалира тензиите. Тоа само ќе ги влоши работите таму каде што луѓето веќе се лути на спроведувањето на законите за имиграција“, рече Бараган во емисијата „Состојба на нацијата“ на телевизијата CNN.
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем во неделата во емисијата „Соочување со нацијата“ на мрежата CBS News изјави дека Националната гарда ќе осигури безбедност за мирните демонстранти и полицијата околу објектите.
Службата за имиграција и царина (ICE) во Лос Анџелес уапси најмалку 44 лица во петокот поради прекршувања на имиграциските закони.
Трамп вети дека ќе депортира рекорден број луѓе во земјата нелегално и ќе ја затвори границата меѓу САД и Мексико, поставувајќи цел ICE да апси најмалку 3.000 мигранти дневно.
Но според неговите критичари, сеопфатната имиграциска акција, исто така, наводно ги таргетира луѓето во земјата кои се легални, некои со постојан престој, и довела до правни предизвици.
netpress.com.mk