Трговците се алчни, во септември ги покачија цените за во октомври да ги намалат и да останат со истиот профит по замрзнувањето на маржите, изјави Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој побара вклучување на ССМ во креирање на мерките кои Владата ги носи за да им олесни на граѓаните, како и зголемени контроли на Државниот пазарен инспекторат. Според него, последната мерка за замрзнување на маржите на основните продукти не го олесни животот на граѓаните оти трговците ја изиграле.
-За жал, трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и минималната синдикална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за месец септември. Сега, за октомври, се намалени за 960 денари. Тоа значи трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат и зголемените цени, кои ги зголемија во септември, само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа. За жал во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците и сметам дека Владата треба да преземе навистина поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави, рече Трендафилов.
ССМ очекува ограничувањето на маржите во согласност со Законот за нефер трговски практики да профункционира, ни за тоа не се големи оптимисти.
-Тоа што го гледаме на терен е дека е навистина слаб настапот на Инспекторатот, не поради тоа што не сакаат туку поради тоа што имаат многу мал број луѓе кои треба да контролираат огромен број трговци. Сметаме како ССМ дека треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од синдикалната минимална кошничка, а ние ја пресметуваме и знаеме најдобро што е потребно, порача Трендафилов.