Вицепремиерот за добро владеење и лидер на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, Арбен Фетаи порача дека Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон ЕУ, усвоен овој месец и кој го опфаќа периодот 2023-2024 година, го наведува проектот познат како „српски свет“ како една од најсериозните закани за суверенитетот и стабилноста на земјата.
Како што истакнува Фетаи, во овој период, Министерството за надворешни работи го водеше Бујар Османи од ДУИ., кој, според вицепремиерот, одржа вкупно 11 официјални средби со претставници на Србија, но ниту една со оние на Косово.
„Време е граѓаните да разберат кои се најголемите поддржувачи на „Српскиот свет“ во Македонија“, нагласува Фетаи, директно поврзувајќи го ова молчење и дејствување со политиките што ја ослабнаа позицијата на Албанците и нашата интеграција во регионот.
„Овој извештај фрла светлина врз сериозните предизвици со кои се соочува земјата и врз внатрешните и надворешните влијанија што го попречуваат развојот и стабилноста“, додава членот на коалицијата ВЛЕН.
Ваквите забелешки доведоа до партиски препукувања во земјата, кои меѓусебно си ја префрлаат топката за тоа кој ги влече конците кон т.н. проект „српски свет“. Опозицијата побара одговор кои претставници на Владата го застапуваат овој проект, по што следеа обвинувања, преточени во бројки, за средби коишто функционери на СДСМ и ДУИ ги оствариле со колеги од Србија во изминатиот период.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски вчера обвини дека критиките за „српски свет“, доаѓаат од поединечни поранешни функционери за кои, како што тврди тој, во период на нивните мандати имале многу повеќе средби со колегите од српска страна. Кажа и конкретни бројки.
-Веројатно на јавноста ќе ѝ биде интересно да дознае дека поранешниот претседател, Стево Пендаровски, во текот на неговите 5 години како претседател на државата, најмногу средби имал со претседателот на Србија, господинот Вучиќ. Деветпати се сретнале, повеќе од со кој било друг претседател. Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 22 билатерални средби во период од 7 години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушам е и поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Во четири години – 11 билатерални средби со неговите колеги од Србија. Јас не ценам дали е тоа добро или лошо, јас повторувам, како министер за надворешни работи, ние треба да соработуваме со сите, но не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а историски бројки да сте имале токму со претставници на тие соседи. Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика, рече меѓу другото Муцунски.
The post Фетаи: Во минатите две години Османи го поддржуваше „српскиот свет“, а го игнорираше Косово appeared first on Локално.