Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Фондот за иновации „дарувал“ фантомски проекти на „иноватори“ од два града во државава!

Фондот за иновации „дарувал“ фантомски проекти на „иноватори“ од два града во државава!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Околу 60 компании од градежниот сектор, информатичката технологија, дигитализацијата,… не ги исполниле обврските и злоупотребиле средства добиени од Фондот за инвоации и технолошки развој (ФИТР) за фантомски проекти, како и 50 приватни здравствени установи кои што користеле фондови за време на Ковид-кризата, кога државното здравство беше во колапс, иако според Законот за трговски друштва не смееле да го прават тоа. Ова на прес-конференција го обелодени в.д. директорот на ФИТР, Никола Додов посочувајќи и на други неправилности во работата на Фондот откриени за време на ревизијата за работата на оваа институција.

– Некои од овие 60 компании не ги почитувале правилниците и насоките за работа утврдени од Фондот, што резултирало со неуспешни проекти. Ваквите проекти ја оштетиле државата, а поранешниот менаџмент на Фондот наместо да преземе мерки против должниците, напротив вршел плаќања кон компаниите кои не ги почитувале закоските прописи и биле должници – истакна Додов и најави дека се воведуваат нови контролни механизми за да се спречат ваквите злоупотреби во иднина и ќе се преземат правни чекори против оние кои не ги почитувале своите договорни и законски обврски.

Според наодите на ревизорите, сума од 192.888.642 денари или 3,2 милиони евра е долгот од страна на 60-те компании кои не ги исполниле своите обврски кон државата. Наместо да ги искористат средствата за реализација на проектите, тие спроведувале фантомски проекти, без конкретни резултати, што резултирало со неуспешни проекти.

– Од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага, веќе се поведени постапки за наплата на побарувањата пред надлежен извршител, додека дел од нив се во постапки за поднесување на кривични пријави, и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство односно надлежните судови. Овие дејствија произлегуваат од сериозни нарушувања на договорните обврски, несовесно работење, како и флагрантно непочитување на законските одредби од Законот за иновациска дејност – рече Додов.

Што се однесува за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот, Додов нагласи дека за тоа се врши посебна ревизија. Средствата што ги добиле од Фондот најчесто се користеле  за купување на медициски апарати и опрема.

– Постои основано сомнение дека правилниците донесени од претходната структура кои ги регулираат овие прашања не се донесени во согласност со важечките закони. Има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување. Исто така, постојат основани сомнежи за злоупотреба на Фондот за иновации и неговите средства за време на Ковид-кризата, кога одредени приватни здравствени установи добивале финансии, додека државните се бореле сами со здравствената криза. Овие наводи се дел од тековната ревизија, со цел да утврдиме дали средствата биле распределени на начин кој е во согласност со законот – рече Додов.

За само нешто повеќе од месец дена, во ФИТР е направена пресметка за ненаплатени средства по основ на оперативна добивка и ројалти во вкупна висина од 80.000.000 денари (над 1,3 милиони евра).

– Овие средства во изминатите години не биле наплатени од страна на поранешното раководство, што директно го оштетило Фондот и довело до значителни финансиски загуби. Новото раководство на Фондот презеде енергични чекори за да ги исправи овие неправилности и веќе се наплатени околу 36.000.000 денари, или приближно 600.000 евра. Дополнително, само во текот на минатата недела, во Фондот се слеани повеќе од 10.000.000 денари по основ на оперативна добивка и ројалти од корисници кои ги имале овие обврски – потенцира Додов.

Тој нагласи дека во Фондот за иновации и технолошки развој дошле до информации кои упатуваат на сомнителни практики во управувањето со јавните средства. Додов рече дека станува збор за компанија, која е во непосредна роднинска врска со високи функционери од владата на СДСМ-ДУИ, која добивала значителни финансиски средства од државни фондови.

– Ова не само што создава сомнеж во транспарентноста на процесот на финансирање, туку и буди загриженост за потенцијалните конфликти на интереси и непотизам. Согласно нашите истражувања, управителот на компанијата не само што добива финансиски средства од фондот, туку истата личност управува со дури четири различни фирми кои исто така имаат добиено финансикси средства од Фондот. Загрижувачко е тоа што скоро 80% од средствата кои ги добива од овие компании ги префрла на истата компанија и за иста услуга, и тоа во текот на проектните активности. Ова поведение создава легитимни сомневања за неетички практики и корупција. Оваа ситуација не само што ги загрозува основните принципи на транспарентност и одговорност, туку и ги подрива основите на правната држава – истакна Додов, но не обелодени за која компанија станува збор.

За време на ревизијата е откриено дека од поранешниот менаџмент на ФИТР е потпишан договор со корисник на фондот, кој и тогаш, а и сега, е противзаконски. Потписите на таквите договори, според Додов, создаваат правни и етички последици, кои ќе бидат истражени до крај.

– Секој кој учествувал во овој процес, без разлика на нивната позиција, ќе биде повикан на одговорност. Не само што ќе се применат сите соодветни законски санкции, туку и довербата на јавноста ќе биде обновена само ако овие неправилности бидат исправени и искоренети. Наша обврска е да осигуриме дека ФИТР функционира согласно законите и дека средствата се користат за вистински иновации, а не за задоволување на лични интереси и полнење на личните џебови – рече Додов.

Исто така, ревизијата открила дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови, при што се работи за исти или идентични проекти. Додов посочи на интересен феномен, а тоа е дека во Македонија во последниве неколку години се појавија два најиновативни града.

– Овие градови не само што се „лидери” во своите области и иновациите, туку исто така „забележуваат” најголем процент на доделени финансиски средства по глава на жител од Фондот за иновации и технолошки развој. Очигледно, ова е сигнал за „значајна” поддршка за иновации и развој на овие две локалните економии. Или можеби, само мудро распределување на средства по некои, не толку тајни, пријателски линии. Додека вистинските „иноваторите“ од овие градови си го делат парчето пица, другите чекаат иновациите да дојдат по пошта. Можеби е време да се запрашаме дали оваа “поддршка” всушност носи реални резултати или е само уште еден пример за тоа како парите од фондот, наместо да одат во вистински проекти, завршуваат во некои познати џебови – рече Додов и најави дека имињата на двата града ќе ги каже на следната прес-конференција.

Во ФИТР во редовен работен однос се 8 лица, а во изминатиот период, заклучно со август 2024 година на платен список биле евидентирани повеќе од 40 договорци со хонорари и до 60.000 денари.

– Во текот на минатиот месец утврдив дека голем дел воопшто не доаѓале на работа, дел  договорно меѓу себе ротирале преку еден работен ден, немало евиденција за присуство на вработени за договорците и на денот на извршената проверка на редовност од моја страна само тројца беа запишани во книгата за евиденција на работно време. Покрај тоа, дел од ангажираните кои се преставуваа како експерти, одбиваа да ги завршат своите обврски, што дополнително ги кочеше процесите на ревизијата. Овие опструкции од страна на дел од вработените кон менаџментот создаваат сериозни пречки во остварувањето на нашите цели и во обезбедувањето на транспарентност во работењето на институцијата – истакна Додов.

(С.Бл.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro