Почеток (ФОТО) Михајло Грбевски-Мишко денес ја промовираше својата прва книга „Rock N` Beat“

(ФОТО) Михајло Грбевски-Мишко денес ја промовираше својата прва книга „Rock N` Beat“

ekran.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Поранешниот музички новинар Михајло Грбевски-Мишко, денеска на платото пред музичкиот салон „До-ре-ми“, во Младинскиот културен центар во Скопје ја промовираше својата прва книга со симболичен наслов „Rock N` Beat“.
Промоцијата, беше во рамките на културната манифестација „Скопско лето“, но имаше голем број посетители кои го ценат трудот на Михајло Грбевски, а не се од сферата на музиката и новинарството.

Оваа книга (негов публицистички првенец) всушност претставува збир интервјуа (вкупно педесет) од неговата две децениска новинарска активност во неколку печатени медиуми, дневни весници и неделници („Екран“, „Ритам“, „Време“, „Нова Македонија“).
Книгата има четири циклуси – „Рок пролет“ (интервјуа со македонски музичари – Армен Сурмејан, Влако Стефановски, Гарабет Тавитјан, Кокан Димушевски, Јаков Дренковски Гранит Таќи, Драган Даутовски, Кирил Џајковски итн.).
„Кралот на брзината“ (интервјуа со светски ѕвезди – Јан Гилан, Дејвид Ковердејл, Џони Ротен, Ал Ди Меола, Пол Велер, Јан Акерман, Скот Хендерсон итн.).
„Валкан Балкан“ (интервјуа со балкански музичари – Давор Гобац, Миле Кекин, Зоран Предин итн.) и „Звукот на подземјето“ (интервјуа со македонски андерграунд музичари).

Промотори на книгата беа неговите некогашни колеги, новинарите Тони Димков и Ненад Георгиевски.
– Ова публикација претставува збир на текстови што сум ги пишувал во мојата 18-годишна новинарска кариера. Интервјуата што се наоѓаат во книгата беа објавени во повеќе медиуми во кои сум работел, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“, како и во „Нова Македонија“. „Rock N` Beat“ е моја прва книга, но тоа не значи дека јас тука ќе застанам. Ова е само поттик да продолжам понатаму и во наредните години да ги ставам на едно место и другите мои текстови што сум ги пишувал, затоа што имам уште голем број текстови што чекаат да бидат објавени – рече Грбевски.

Инаку, на промоцијата посебен шмек и даде Јаков Дренковски кој со својата музика „ги разгали“ присутните.

Фото: Маја Јаневска Илиева

The post (ФОТО) Михајло Грбевски-Мишко денес ја промовираше својата прва книга „Rock N` Beat“ appeared first on ekran.