Публиката во Македонската филхармонија со долги овации и воодушевени изрази на гордост ја испрати музичката вечер која веќе се нарекува „еден од врвните културни настани на годината“. Концертот на Вејчеслав Поповски, кој го водеше прекрасната водителка Симона Петреска, беше повеќе од музички настан – беше доживување што го разбуди најдлабокото во секој присутен.
Вејчеслав Поповски, со својот моќен, емотивен и искрен израз, успеа да ја поведе публиката на патување низ класичната музика, филмските теми и македонскиот музички корен, со интерпретации што оставаат трага. Музиката ја остави публиката без зборови, со солзи во очите и срце што чукаше во ритамот на громогласните аплаузи.
Особено впечатлив беше врвниот професионализам и естетски до перфекција изведениот настап на австрискиот Acies Quartett, кој свиреше на инструменти рачно изработени од самиот Вејчеслав Поповски – уште една негова уметничка димензија. Со тоа не само што докажа, туку и потврди дека квалитетот е оној кој нè претставува. Неговите инструменти се веќе препознаени и наградени на најпрестижни светски натпревари, меѓу кои се издвојуваат Тусон, САД, каде освои сребрен медал за квалитет на изработка, и VSA – Violin Society of America во Индијанаполис, каде доби престижен Сертификат за квалитет на тон.
Оваа компонента даде посебен, уникатен печат на вечерта – не беше јасно дали перфектниот звук на инструментите или раскошниот глас на беспрекорниот уметник ја создаде таа вистинска хармонија, во која сите учесници, но и публиката, се движеше низ иста силна емоција.
Квартетот настапи во придружба на светски признатиот пијанист од Словачка – маестро Рихард Рикон, кој со својот ведар дух и врвен професионализам ја збогати хармонијата, додавајќи свој препознатлив печат во изведбата на уникатните аранжмани напишани од Вејчеслав.
На сцената со Вејчеслав настапи и неговата гостинка, сопранот Елена Васова – заедно ги изведоа најубавите дуети, преку кои, со совршено сплотени гласови и уметнички врвна изведба, раскажаа музичка приказна исполнета со среќа, тага и радост. Емоцијата трепереше со секој испеан тон – со прецизност, топлина и силна комуникација со публиката.
Оваа хармонија допре до врвот токму преку безвременските класици, познатите филмски теми, и најдлабоко – преку македонската народна песна, која оваа вечер доби сосема нова димензија – како музичка слика што оживеа на сцена.
Кулминацијата на вечерта, која ќе се прераскажува, беше моментот кога македонскиот кавал и тапан загрмеа заедно со елеганцијата на европската класика – симболично обединување на култури, стилови и вредности. Моментот беше не само музички, туку и духовен, силен, вистински – со порака која ја надминува концертната сала.
Хармонија во три стила“ не беше само концепт – беше реалност на сплотување на култури во една музичка хармонија, приказна која со гордост ќе му ја раскажеме на светот.