Фрчат обвинувања за лажни вести и хибридни закани по објавите на дел од бугарските медиуми дека актуелни политичари и нивни роднини наводно имаат бугарски државјанства. Од најголемата владеачка партија порачаа дека се води координирана и насочена операција на дискредитација против премиерот Христијан Мицкоски, Владата и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека зад сите овие активности стојат структури на бугарските служби и блиски кругови до националистичките партии.
Од Софија засега молк по ваквите пораки од Скопје. Сходно на тоа се поставува дилемата навистина има назнаки за мешање на бугарските тајни служби во внатрешните работи на Македонија…За дел од експертите во земјава, сите странски служби се обидуваат да дознаат повеќе за свои соседи и да имаат корисни информации. Според професорот на Факултетот за безбедност, Злате Димовски, секоја разузнавачка служба настојува да пенетрира длабоко во структурите на другата држава, независно дали се работи за Бугарија, Србија, Косово, Албанија или евентуални други земји.
-Нивната интенција и работна задача е да пенетрираат во севкупниот систем и да добиваат свежи информации кои што се однесуваат на севкупното општествено живеење особено во делот на политичкиот живот, воениот живот, делот на социјалата, делот на економијата, особено делот на безбедноста…Ништо не можеме посебно да потенцираме, но дефинитивно зборувам за работата на разузнавачките служби, посочува Димовски во изјава за „Локално“.

Проф. Злате Димовски
Власта ги обвини СДСМ дека е поврзана со бугарските служби и медиуми и ги лиферува информациите за пасошите. Запрашан дали може опозицијата да се обвини за ваква поврзаност, професор Димовски истакнува дека можно е да постојат поединци, но не и цели политички партии.
-Сигурно дека како политички партии не можат севкупно да се постават во функција на било која друга разузнавачка служба, но како поединци, доколку кон нив се пријде и се работи со нив од страна на служби, претпоставувам и можно е некој да биде ангажиран. Дефинитивно партии и држава не можеме да ги ставиме во таа функција, истакнува професорот.
Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков тврдеше дека операцијата се води преку мрежа од бугарски портали и т.н. „mushroom“ веб-страници кои ширеле дезинформации и лаги со цел да ја дестабилизираат македонската Влада, вчера и самиот беше мета на слична операција. Бугарскиот медиум „24 часа“ објави текст во кој што пишува дека речиси сите поблиски роднини на пратеникот се бугарски државјани, но, не дека и лично Лефков. Медиумот тврди и дека братот на пратеникот поминал низ постапката за добивање на бугарски пасош.
-Околу 20-тина од семејството Лефкови од Кочани, сите први и втори братучеди, како и неговиот брат Иван, се бугарски државјани кои поминале низ постапка во која декларирале дека имаат дедо Бугарин и дека и самите се чувствуваат како Бугари. Во исто време, партијата на Миле Лефков се противи сите луѓе во Република Северна Македонија кои се изјаснуваат како Бугари, да бидат внесени во Уставот, пишува меѓу другото „24 часа“.
По ваквите пишувања, се огласи и самиот Лефков. Обвини дека во „полн ек се случува хибридна офанзива“ и го впери прстот во СДСМ.
„Објави насочени против мене и мојата фамилија – објава на „24 часа бг“. За минута преземена на страници кај нас-лаги, вести, дискредитации, стартуваат по нарачка, од ботови, скришни или бугарски страници, а потоа молневито се шират! Координирана и скапа акција! СДСМ сега да си го објасни соопштението полно со навреди, повикувајќи се на „жолти комбиња“ и параноја – додека реално, Македонија и македонските политичари кои ги штитат националните интереси се цел на синхронизиран напад. Ова не е параноја, туку организирана операција против секој што се бори за македонските интереси- СДС да одбере страна“, стои во објавата на пратеникот од Кочани.
Пред неколку дена, Лефков се повика и на претходни анализи од DFRLab (Digital Forensic Research Lab), кои укажувале на постоење на бугарска мрежа за ширење антизападни и антимакедонски наративи. Тие, според него, функционирале преку субдомени и синхронизирани Фејсбук страници и дел од тие содржини, како што рече, завршувале и во македонски портали блиски до СДСМ, па дури и во традиционални медиуми.
„Ова не е борба против една партија, ова е напад врз македонскиот идентитет, врз суверенитетот и врз правото на самостојна надворешна политика,“ изјави Лефков, додавајќи дека дел од домашните политички актери дејствувале како „платформа за бугарските интереси“, наведувајќи ги Димитар Апасиев и Андреј Жерновски како примери.
Од СДСМ посочија дека е излитена пропагандата за странски служби и оти „театарот со ‘патриоти и предавници’ служи само за да се сокрие епскиот неуспех на власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и да се скрие фактот дека Мицкоски и пола од неговата Влада имаат бугарска самосвест“.
„Жолтите комбиња се вратија, ВМРО-ДПМНЕ е во параноја и процес за дефокус од реалните проблеми“, одговорија од „Бихаќка“.
Токму Жерновски бараше одговор од премиерот по пишувањата на бугарска „Лупа“ дека аплицирал за бугарско државјанство во 2008 година. Порача дека е загрижен што досега нема коментар од премиерот на оваа тема.
-Многу едноставно, директно и конкретно: ДАЛИ Е ОВА ВИСТИНА ИЛИ НЕ? Крајно сум загрижен што, барем до овој момент, нема никаков демант ниту коментар од страна на Мицкоски или од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Останува да почекаме и, сепак, да дадеме време и простор за негова реакција. Во спротивно, ако оваа вест се потврди како вистината, тогаш е повеќе од јасно дека останува само еден потег кој Мицкоски може и мора да го направи!, објави членот на ИО на СДСМ.
„Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари. Луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“. Ова го напиша министерката за енергетика Сања Божиновска лани во октомври како одговор на тврдењата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова која денеска изјавила дека лично ги прегледала документите од апликацијата за стекнување бугарско државјанство на министерката за енергетика Сања Божиновска за да се увери дали таа навела оти има бугарска самосвест, пренесе БТА.
„Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век, напиша министерката.
Претходно и скопската градоначалничка Данела Арсовска беше обвинувана дека има бугарски пасош. Тоа следуваше откако во октомври 2021 година, пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, објави документ од бугарското Министерство за правда, како доказ дека Арсовска, пред околу една деценија, се стекнала со бугарско државјанство, за што указот го потпишал вицепретседателот на Бугарија. Неодамна градоначалничката го демантираше европратеникот Андреј Ковачев кој објави дека наводно Арсовска е бугарски државјанин.
– Јас од раѓање имам чешки пасош, мајка ми е Чехиња, имам македонски и чешки пасош, немам бугарско државјанство ама еве и да имав, не треба да ме заштитат? МВР е должно да ги штити сите на територијата на Град Скопје, дури и да се бугарски државјани, а јас не сум бугарски државјанин, вели Арсовска.
Н.П.
The post „Хибридни напади“, бугарски пасоши и тајни служби: Дали Софија навистина се меша во внатрешните работи на Македонија? appeared first on Локално.