Неврохирургот Анастасиос Џамуријадис од Абердин, Шкотска, развил нов метод за отстранување тумор на мозокот со големина на јаболко преку веѓата на пациентот.
Оваа техника овозможува отстранување на туморот со минимални лузни, а самата процедура трае до три часа, објави „Скај њуз“.
Некои пациенти може да ја напуштат болницата веќе 24 часа по интервенцијата и бргу да им се вратат на своите секојдневни активности.
„Пациентите веднаш се будат и понекогаш си одат дома следниот ден по операцијата, што придонесува за побрзо закрепнување“, вели неврохирургот, пренесува медиумот.
Традиционалното отстранување тумори во предниот дел на мозокот бараше голем засек во черепот, кој ги изложува на ризик здравите делови од мозокот.
Џамуријадис ја адаптирал техниката овозможувајќи му да добие повеќе простор преку веѓите за да ги отстрани големите тумори.
„Ова е значајна иновација и е многу помалку инвазивна. Претходно, пациентите имаа лузни на целото чело, сега го избегнуваме тоа“, додаде тој.
Џамуријадис и неговиот тим досега ја направиле оваа нова процедура на 48 пациенти.
Текстот Хирург од Шкотска отстранил голем тумор на мозокот преку веѓите на пациентот е превземен од МАКФАКС.