Стефанос Циципас објави дека повеќе нема да работи со Горан Иванишевиќ. Легендарниот хрватски тенисер стана тренер на Циципас кон крајот на мај, а сега соработката е прекината по само два месеци. Иванишевиќ го водеше Циципас до второто коло на АТП турнирот во Хале и до елиминација во првото коло на Вимблдон. Циципас го потврди прекинувањето на соработката во објава на Инстаграм.
„Соработката со Горан Иванишевиќ беше кратка, но интензивна и навистина вредна етапа од моето патување. Благодарен сум за времето, трудот и енергијата што ми ги посвети мене и на мојот тим. Иако сега одиме по различни патишта, немам ништо друго освен почит кон Горан, не само за она што го постигна во тенисот, туку и за тоа каква личност е. Му посакувам се најдобро во иднина“, напиша тој во објавата.
Каде се случи раздорот меѓу Циципас и Иванишевиќ?
Да потсетиме дека по раскинувањето на соработката со Новак Ѓоковиќ и кратката „аантура“ со Елена Рибакина, Иванишевиќ го презеде Циципас кон крајот на мај, кој неодамна западна во резултатска криза и се стреми да се врати на светскиот врв.
Горан беше исклучително критичен кон физичката подготвеност и пристапот на грчкиот тенисер на почетокот од соработката.
„Тој сака, но не прави ништо. Се „сакам, сакам“, но не гледам никаков напредок. Бев шокиран, никогаш во животот не сум видел понеподготвен играч. Со ова колено, јас сум три пати поподготвен од него. Ова е навистина лошо“, изјави Иванишевиќ за „Спорт Клуб“.
Оваа изјава веднаш предизвика бура од реакции во тенискиот свет. Познатиот француски тренер Патрик Муратоглу, кој работеше со Циципас од 2018 до 2021 година, јавно го критикуваше Иванишевиќ за начинот на кој ја започнал соработката со грчкиот тенисер.
Муратоглу не го криеше своето незадоволство од пристапот на Горан: „Ги слушнав острите зборови на Горан Иванишевиќ за Стефанос и морам да кажам дека ова ниво на критика не е тренерска работа, особено кога штотуку сте почнале да работите со играч“, рече Муратоглу.
Французинот дополнително објасни што смета за клучно во тренерската работа: „Улогата на тренерот е да гради, поддржува и води, а не да уништува. Почитта и довербата секогаш треба да бидат на прво место“, рече Муратоглу, кој моментално ја тренира Наоми Осака.
Циципас: Многу е тешко да имаш диктатори околу себе
Циципас вчера даде интервју за грчката SDNA во кое индиректно, но многу јасно одговори на критиките на Иванишевиќ.
„Кога работам со вистинските луѓе, со луѓе што ги бирам и со кои се чувствувам удобно, постои одредено расположение. Удобноста не значи дека престанувам да тренирам кога сакам или дека ти кажувам колку сакам да вежбам“, рече тој, додавајќи:
„Многу е тешко да имаш диктатори околу себе и луѓе кои зборуваат негативно и не ги чувствуваш блиску до тебе како семејство. Можноста да изградиш семејство од ова, луѓе кои не само што ќе работат со тебе во тенискиот дел, туку ќе ти бидат и пријатели по завршувањето на кариерата, е нешто што навистина сакам да го изградам.“
The post Циципас ја прекина соработката со Иванишевиќ по само два месеци appeared first on Локално.