Чоколадото е веќе поскапо од одредени видови месо, а потрошувачите би можеле да се соочат со уште повисоки цени за време на претстојните празници.
Цените на какаото на берзите се зголемија повеќе од двојно од почетокот на годината и останаа на рекордно високо ниво, наведува CNN, повикувајќи се на анализа на водечката финансиска компанија Wells Fargo.
Британски „Гардијан“ пишува дека максимумот од речиси 12.000 долари за тон е постигнат во првата половина на 2024 година, како одговор на глобалниот недостиг на суровини.
Според проценките на светските експерти, ова поскапување ќе се прелее и на цената на омилените слатки производи во малопродажбата во деновите и месеците што следат, до крајот на 2024 година и во 2025 година, особено кога станува збор за темното чоколадо со поголема содржина на какао.
Меѓународната организација за какао предупреди дека производството за сезоната 2023-2024 се намали за 14,2 отсто поради ниските приноси трета година по ред во Западна Африка, каде се одгледуваат 70 отсто од оваа суровина, пренесува британски „Гардијан“.
Регионот, особено главните земји производители, Брегот на Слоновата Коска и Гана, се соочуваат со лоши временски услови, болести на земјоделските култури и хронично недоволно инвестирање во фармите за какао. Ова, како што истакнуваат аналитичарите, резултирало со длабоки, структурни проблеми во снабдувањето, кои нема брзо да се поправат.
Се ближат Нова Година и Божиќ, а доколку се остварат предвидувањата на експертите и потрошувачите се соочат со нови поскапувања, тогаш за време на празниците би можело да има помалку од овие слатки подароци.
Од друга страна, и производителите стануваат покреативни во начините да се справат со растечката цена на какаото. Така, чоколадите стануваат се помали или се намалува нивниот квалитет бидејќи компаниите се обидуваат да ги намалат трошоците. Намалувањето на грамажата претставува скриено зголемување на цената на артиклот, по што производителите посегнуваат се почесто. Оваа неправедна деловна практика често предизвикува незадоволство кај потрошувачите, бидејќи наместо 100 грама, амбалажата на чоколадото се калибрира на 90, 80 или 75 грама. Со овој маркетиншки трик, компаниите ги злоупотребуваат навиките на потрошувачите, бидејќи клиентите брзо го забележуваат поскапувањето на некој производ, но не обрнуваат премногу внимание на неговата грамажа. Друг начин на кој реагираат производителите е да го заменат чоколадниот слој со друг фил, како бисквити, наполитанки или нешто слично, што исто така го намалува квалитетот.