Општина Струмица се откажува од членството во ЗЕЛС, а и од Општина Карпош најавија дека ќе ѝ се придружат во напуштањето на Заедницата на единиците на локални самоуправи.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, изјави дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор.
– Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт поради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во период кога се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, која претставува основен елемент на животот, но и поради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит – соопштија вчера од локалната самоуправа.
Тој појасни дека членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, а за сè друго Струмица ќе биде надвор од ЗЕЛС.
– Од појавувањето на проблемот со водата од 27 септември, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред сè Министерството за земјоделство, под чија надлежност е браната „Турија“ од која се снабдуваат со вода за пиење Струмица и шест населени места, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветеринарство, со анализите и резултатите добиени од неа, си игра мајтап со струмичани – се посочува во соопштението.
За Општина Струмица, ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и на уставните права и слободи.
– Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробиолошки и по хемиско-физичкиот состав. Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на Општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со кој се соочуваат Струмица и нејзините граѓани – изјави градоначалникот Костадинов.
И градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, најави дека ќе ѝ се придружат на Општина Струмица во напуштањето на ЗЕЛС.
– И така одамна се спремаме да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава – вели Јакимовски.
Тој посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, оти Градот е главен финансиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека од медиумите дознал за ваквата одлука на градоначалниците.
– Не сум бил известен ниту јас, ниту, пак, до ЗЕЛС има стигнато каков било допис од двајцата градоначалници. Сметам дека обвинувањата на колегата Костадинов се несериозни, бидејќи досега не сме дозволувале политиката, а особено дневната политика, да се меша во работата на ЗЕЛС и секогаш сме пристапувале да се водиме од интересите на граѓаните. Жал ми е што досега не сме биле известени од двајцата мои колеги за некаков проблем со кој било од централната власт за да можеме да дејствуваме и за да помогнеме во процесот, ако имало реален проблем. И понатаму вратите на ЗЕЛС им се отворени за да седнеме и за да најдеме решение за проблемите, ако навистина ги има – истакна Ѓорѓиевски во изјава за медиумите.
Тој објасни дека доколку сака една општина да истапи од ЗЕЛС, може да го стори тоа со одлука на Советот, а не единствено по волја на градоначалникот.
– Ако на одреден градоначалник не му се допаѓа еден министер, не значи дека треба да се компромитира ЗЕЛС, а тоа во моментов го прават двајцата градоначалници. Верувам дека ќе надвладее разумот кај двајцата колеги, бидејќи ЗЕЛС не е само членство туку има и обврски, а и услуги што ги дава во корист на општините и на граѓаните. Мојот став е дека не треба, поради дневна политика, некој да ги доведе граѓаните во заложништво – смета Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС утрово телефонски разговарал со градоначалникот на Општина Карпош, Јакимовски, кој не дал конкретен одговор во кој дел не постапила ЗЕЛС соодветно заштитувајќи ја Општината, ниту дали има проблем во однос на функционирањето на ЗЕЛС. Појаснувањата од Јакимовски зошто сака да ја напушти ЗЕЛС биле дека имал одредени несогласувања со централната власт. Претседателот Ѓорѓиевски смета дека овие несогласувања воопшто не се поврзани со Заедницата.
Јакимовски не дал прецизен став дали дефинитивно одлучил да замине од Заедницата и договориле средба со претседателот за решавање на овој проблем.
– Не треба да се дознаваат работите преку медиумите и социјалните мрежи, туку тие, ако постојат, се решаваат на маса. Не се согласувам дека се прават партиски забави во ЗЕЛС, бидејќи имам потпретседател од редовите на СДСМ – Перо Костадинов, градоначалникот на Валандово, со кого имам одлична соработка. Или другиот потпретседател, Ганиу, кој беше во ДУИ, а сега е во „Влен“. Имаме членови на Управниот одбор од сите политички партии – потенцира Ѓорѓиевски.
Со градоначалникот на Струмица, Ѓорѓиевски, не успеал да поразговара, бидејќи го побарал телефонски, но не го добил. И до него испрати апел дека треба да поразговараат на маса, да видат за какви проблеми се работи и заедно да најдат решение.
За тоа дали Арсовска ќе одговори позитивно на повикот на Јакимовски да излезе од ЗЕЛС, Ѓорѓиевски вели дека таа досега не се појавила на ниту една седница на ЗЕЛС.
– Арсовска не учествува во финансирање на ЗЕЛС, откако беше сменета од местото претседател на Управниот одбор на ЗЕЛС. Практично, како и за многу други работи поврзани со неа, така и за ова не гледам многу вклученост и посветеност. Еднаш, пред неколку месеци, се појави на генерално собрание. Секоја општина според бројот на жители учествува со одредена сума во ЗЕЛС. Ако и Арсовска одлучи да си замине од ЗЕЛС, тогаш тоа ќе значи дека се работи за одредена синхронизирана активност организирана од некој. За дневна политика да доведувате одредени општини да истапуваат од асоцијација што е многу порано формирана од нашето стапување на функција, мислам дека ќе даде друга димензија во процесот, односно ќе остави простор да се сомневаме дека ова има некоја друга цел и има организатор на ова – заклучи Ѓорѓиевски.
Поранешниот претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски, упати апел да се задржи единството и, според него, тоа е тело на сите градоначалници, кое треба и мора да функционира.
– Тие ја креираат политиката на развој на локалната самоуправа. ЗЕЛС не треба да се напушти, бидејќи токму ЗЕЛС е тело што обединува. Додека бев претседател, имаше градоначалник што сакаше да го напушти ЗЕЛС, но сфати дека би било голема грешка тоа, па го задржавме единството за добробит на сите – потенцира Трајановски и додава дека е нормално да има очекувања, забелешки и дека треба да се надминат.
Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС им штети и на ЗЕЛС и на сите општини, оценува министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по најавите на општините Струмица и Карпош дека ќе го напуштат ЗЕЛС. Според него, ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што, како што наведе, само единствена ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините.
– Оваа Влада застана многу отворено и јасно зад тоа и веќе го потврдуваме тоа преку конкретни решенија. Со пренасочување на вниманието и со политизирање на случајот губат сите, а најмногу граѓаните – истакна Перински.
(А.П.)