Годинава во програмата се вклучени едни од најеминентните репродуктивни уметници во своите области во светски размери, уметници со преполни биографии барани да настапуваат на најпрестижните сцени. Со тоа „Охридско лето“ се издига високо на мапата на најпрестижни уметнички фестивали, не само во Европа, туку и пошироко – вели директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски.
На 12 јули во Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 65. издание на нашиот најголем фестивал „Охридско лето“. Со концертот насловен „Уметноста трансформира“ со гостите од Америка – диригентот Едвин Оутвотер и пијанистка Клер Хуангчи ќе настапи оркестарот на Македонската филхармонија. Во првата година од неговиот мандат како директор на фестивалот, разговараме со првенецот на Националната опера и балет, Ѓорѓи Цуцковски за подготвеноста да се пречека публиката на 65. издание, како и за предизвиците на современите фестивали.
Помалку од десет дена пред почетокот на 65. издание на фестивалот Охридско лето, до каде се подготовките?
– Од аспект на тоа дека мапинг дизајнерот Рафаел Карико веќе пристигна, можам да кажам дека сме во завршна фаза на реализација на отворањето. Од аспект на тоа што програмата беше готова во февруари, а истата објавена на прес-конференција во април сега истата е во рацете на тимот на Фестивалот кој со години вешто се грижи за нејзина беспрекорна реализација.
Ѓорѓи Цуцковски
Фeстивалот ќе биде отворен со концертот „Трансформација на сетилата“ со диригентот Едвин Оутвотер и американската пијанистка Клер Хуангчи. Најавивте и други познати имиња од светската класична музика. Што Ви беше важно во конципирањето на програмата?
-Квалитетот. Годинава во програмата се вклучени едни од најеминентните репродуктивни уметници во своите области во светски размери, уметници со преполни биографии барани да настапуваат на најпрестижните сцени. Со тоа фестивалот „Охридско лето“ се издига високо на мапата на најпрестижни уметнички фестивали, не само во Европа, туку и пошироко. Истата е збогатена со џез вечери и детска претстава, но мојата лична идеја, пред сè, како уметник е борбата за квалитетот и врвната уметност, визави шундот и нерелевантната пропаганда.
Клер Хуангчи и Едвин Оутвотер на отворањето на фестивалот
Колкава е државната поддршка на фестивалот и колку сте задоволен?
-Голема. Без безрезервната поддршка на Министерството за култура и туризам, фестивалот не би можел да биде реализиран. Впрочем, затоа и сме национална установа.
Каков е интересот на бизнис-секторот во Македонија за поддршка на Охридско лето? Колку компаниите се подготвени да спонзорираат реномирани национални фестивали?
-По моите сознанија годинава имаме рекордна финансиска поддршка од македонските компании, како и рекорден број медиумски покровители, вкупно 43. Како нов менаџмент поддржан од двајца нови исклучителни селектори, а поддржан од целиот тим на фестивалот, вложивме огромен напор висококвалитативната програма да им ја презентираме на нашите компании. Резултатот е синергија помеѓу нашиот квалитет и нивната отвореност да поддржат сè што претставува трајна вредност.
Со години зборуваме за законска регулатива која со даночни олеснувања на компаниите ќе ја подобри состојбата во културата во земјава. Зошто е важно да се дефинира што е култура, што комерција, а што е шунд?
-Сметам дека треба да им се помогне на уметноста и уметниците да бидат максимално поддржани и треба да направиме сè што е во наша можност да го овозможиме истото.
Дали му се потребни програмски промени на Охридско лето, адаптирање на содржините до младата публика, вклучување на визуелните уметности во програмата?
-Сето ова е веќе предвидено и ќе биде реализирано на овогодинешното издание.
Охридско лето е единствен фестивал од овој формат во регионот. Задоволен ли сте од присуството на регионалната публиката или може и подобро?
-Не постои задоволен уметник, нашиот едукативен процес подразбира постојана критика, како би можело да се извлече најдоброто. Секогаш може подобро, но важен фактор е дека ние како тим правиме сè нашиот бесценет фестивал да биде почитуван и видлив на глобално ниво.
The post Ѓорѓи Цуцковски: Правиме сè нашиот бесценет фестивал „Охридско лето“ да биде почитуван и видлив на глобално ниво first appeared on УМНО.МК.