Почеток СВЕТЈапонскиот премиер Ишиба најави дека ќе остане на функцијата и покрај изборниот пораз

Јапонскиот премиер Ишиба најави дека ќе остане на функцијата и покрај изборниот пораз

Курир
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска изјави дека ќе остане на функцијата и покрај изборниот пораз на неговата левичарска коалиција на изборите за Горниот дом на Парламентот, нагласувајќи дека е подготвен да се справува со актуелните предизвици, како што се растот на цените и високите американски царини.

По неделните избори, владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) и нејзиниот коалициски партнер Комеито не успеаја да обезбедат мнозинство во Горниот дом од 248 пратеници, односно им недостигаат три места. Коалицијата сега е во малцинство и во двата дома на парламентот, иако ЛДП останува водечка партија.

– Иако сериозно ја чувствувам одговорноста за изборните резултати, верувам дека морам да ја исполнам својата должност кон земјата и народот и да не дозволам политиката да предизвика застој. Предизвиците како глобалната ситуација и природните катастрофи нема да чекаат подобра политичка клима, рече Ишиба.

Тој најави дека се надева на взаемно поволен договор со американскиот претседател Доналд Трамп, со кого планира да се сретне, особено во пресрет на рокот од 1 август за нов царински договор со САД.

Изборите за Горниот дом беа организирани по октомврискиот пораз на коалицијата на изборите за Долниот дом, на кои власта беше ослабена од корупциски скандали и мораше да прави отстапки кон опозицијата за да ги изгласа законите.

Владата не успеа да го спречи растот на цените, вклучително и на оризот – основен производ во Јапонија – како и падот на платите. Дополнителен притисок врз Ишиба создаде и американскиот претседател Доналд Трамп, кој се пожали на бавниот напредок во трговските преговори и ниската продажба на американски автомобили и ориз во Јапонија, и покрај недостигот на домашни залихи.

Најавените американски царини од 25 отсто на јапонски стоки, кои треба да стапат во сила на 1 август, се сметаат за нов силен удар за Ишиба.

Можно е и ова да ти се допаѓа