Автобиографскиот роман на Оливера Чирковиќ „Јас, Пинк Пантер“ наскоро ќе биде адаптиран во ТВ серија од Драган Бјелогрлиќ.
По неколкугодишни темелни подготовки, до крајот на годината се очекува почеток на снимањето на единствена сага за поранешната југословенска репрезентативка во кошарка, која по спортската кариера стана дел од озлогласената меѓународна криминална група „Пинк Пантер“ и помина осум години во најстрогите грчки затвори.
-Овој проект е во подготовка долго време, бидејќи е суштински меѓународен и поголемиот дел од дејството се одвива во Грција. Покрај феноменот на Пинк Пантер, како уникатен систем на криминална активност, оваа приказна ми беше привлечна и поради два други интересни слоја што ги содржи. Првиот се фокусира на жена која, од врвен спорт за љубов, се впушта во криминал, цело време обидувајќи се да го зачува своето достоинство и синот што го раѓа по првиот грабеж. Вториот слој е уште поинтересен – иако извршила голем број грабежи и двапати избегала од затвор, Оливера речиси никогаш не била перцепирана како „негативец“. Дури и чуварот едвај чекал да ја прегрне кога ја фатиле и ја вратиле во затвор. За време на судењето, поголемиот дел од јавноста и медиумите биле на нејзина страна, перцепирајќи ја како „женски Робин Худ на 21 век“, изјави Драган Бјелогрлиќ по последните подготовки за почетокот на снимањето.
Снимањето ќе се одвива на бројни локации низ Грција, како и на островите Крф, Крит и Миконос, но исто така и во Истанбул и Белград. Сценариото напишано од Вук Ршумовиќ го следи драматичниот пат на главниот лик – од спортски подем, низ криминална бездна, до лична трансформација.
ТВ серијата „Јас, Пинк Пантер“ ќе ѝ донесе на телевизиската публика комбинација од возбудлива криминална драма и силна женска исповед, балансирајќи помеѓу акција, психолошка тензија и длабоки емоционални дилеми.