И дел од бугарската јавност ги коментира пишувањата за наводни бугарски пасоши меѓу роднини на актуелни функционери од Македонија. Според контроверзниот крајнодесничарни политичар и поранешен европратеник, Ангел Џамбаски, пратеникот Миле Лефков е дел од, како што вели, „српската ВМРО-ДПМНЕ“. Тој во својата објава, меѓу другото, го критикува пратеникот дека не се согласува со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
„Тоа е, семејството на Лефков – без исклучок – признало бугарски корени. Па, кажете ми сега: не е ли ова вистински бугарски политичар?“, стои меѓу другото во јавната објава исполнета со навреди и критики на еден од лидерите на националистичката бугарска партија ВМРО-БНД.
Бугарскиот медиум „24 часа“ објави текст во кој што пишува дека речиси сите поблиски роднини на пратеникот Лефков се бугарски државјани. Медиумот тврди и дека братот на пратеникот поминал низ постапката за добивање на бугарски пасош.
На оваа информацијата, Лефков веднаш реагираше преку Фејсбук во која вели дека „хибридна офанзива е во тек“. Тој бара оние што го прават тоа да ги тргнат рацете подалеку од неговото семејство.
-Тврдењата дека сум „единствен Македонец“ во фамилијата, дека брат ми и сите мои братучеди се Бугари, се апсурдни и злонамерни, со цел да ме замолчат и да ја изместат суштината на моите јавни настапи, рече Лефков.
Тој посочува дека за него е неприфатливо неговото семејство да биде користено во политички цели „од единствена причина што зборува вистини“.
-Јас сум пратеник, јас сум носител на јавна функција и јас одговарам за моите ставови – не моето семејство, не моите роднини. Не прифаќам фамилијата да ми биде влечена низ политичката кал, само затоа што зборувам вистини што не им одат во прилог на некои центри на моќ, истакна Лефков.
The post Џамбаски се вклучи во „приказната“ со бугарските пасоши: „Дали Лефков е вистински бугарски политичар?“ appeared first on Локално.