Медицинските сестри и техничкиот персонал од Клиничката болница во Тетово, кои изминатата недела протестираа поради неизвесниот работен статус и неисплатени плати, добија ветување дека нивните договори за работа ќе бидат продолжени до крајот на декември. Ова го потврди директорот на болницата, Агим Бериша, кој истакна дека станува збор за привремено решение.
Иако дел од барањата на протестантите се исполнети, медицинските сестри велат дека главниот проблем – добивањето на редовни решенија за вработување – останува нерешен. Тие нагласуваат дека немаат формален статус на вработени и сè уште работат со договори на дело или без јасно дефинирани обврски и права.
„Добивме уверување дека договорите ќе ни бидат продолжени до декември, но тоа не го решава основниот проблем. Ние бараме трајно вработување и редовна исплата на платите“, изјави Флутура Ислами, една од медицинските сестри.
Нејзината колешка, Фиола Аља, додаде дека сè уште немаат конкретни информации кога ќе се реши прашањето со решенијата за работа. „Нè информираа дека тоа не е во надлежност на директорот, туку на Министерството за здравство. Чекаме избор на нов министер, со надеж дека ќе имаме средба и конечно ќе се реши нашиот статус“, рече Аља.
Директорот Бериша изјави дека ќе ја информира надлежната институција за потребата трајно да се реши статусот на овие 139 здравствени работници и повтори дека очекува поддршка од новата влада. Доколку надлежните институции не излезат во пресрет на нивните барања, медицинските сестри најавуваат дека ќе ги продолжат протестите – овојпат пред Министерството за здравство во Скопје.
The post 139 сестри од Тетово се борат за опстанок – Ако нема решение, одиме на протести во Скопје! appeared first on Локално.