Broadcasted on January 27, 2025 (Monday) on MRT1 at 20.15.
Зошто власта не е спремна да преземе одговорност за недостигот на лекови за дел од болните од канцер, го прашуваме премиерот Христијан Мицкоски, кој гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Ако веледрогеријата „Пановски“ ѝ била омилена на претходната власт, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, зошто и актуелното раководство на Клиниката за онкологија неодамна склучило договор во вредност од 2,3 милиони евра со оваа фирма токму за лекови за биолошка терапија? Една од централните теми во интервјуто е неодамнешната посета на Мицкоски на Соединетите Американски Држави за време на инаугурацијата на Доналд Трамп. Разговараме зошто посетата беше помпезно најавена и претставена, а се сведе на присуство на неколку придружни настани и на средби со луѓе со кои претходно се видел, зошто премиерот не беше присутен во Ротондата во Капитол Хил каде што Трамп ја даде заклетвата, како го коментира тоа што најголем дел од политичарите гости од Европа беа припадници на крајната десница, што бараа вицепремиерот Изет Меџити, министерот Арбен Таравари и заменик-министерката Викторија Трајков во САД… Мицкоски го прашуваме и зошто реши да ги заштити Бојан Христовски и Сашо Дранго, а разговараме и за неговите наводи дека бил следен од една од разузнавачко-безбедносните агенции.
Прегледи: 0