Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ сметаат дека проблемот е системски и децениски и се провлекува со години. Ова здружение веќе ги изработило предлог-измените на Законот за заштита и благосостојба на животните кои ќе бидат доставени до Собранието. Со нив тие бараат строга забрана за неконтролирано размножување на животните, строги казни за напуштање на миленици и негово третирање како кривично дело. Според директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, прво и клучно е да се затвори изворот на проблемот, односно неодговорното чување на кучиња од сопствениците
Додека надлежните замижуваат на комуналниот проблем со бездомните кучиња, ставајќи го под тепих и воопшто не изнаоѓаат начини тој да се реши, граѓаните кои често пати страдаат од напади на овие животни, самите нудат решенија и предлози за негово решавање. Велат дека не се гледа излез од кругот ѓубре, диви живеалишта и кучиња скитници. Сметаат дека кучињата треба да се тргнат од улиците и да се носат во големи стационари надвор од градот и да не се враќаат повторно на местото каде што се заловени, затоа што и натаму ќе бидат скитници и ќе бараат храна, најчесто околу контејнерите.
– Мора да се подигне нивото на хигиена во градот, во спротивно нема да мрднеме од ваквата состојба и во иднина ќе станува сè полошо и ќе има сè повеќе кучиња, мачки… Не помогна ни тоа што се поставија нови кабасти контејнери кога отпад има повеќе надвор отколку во нив. Исто така, сврталишта на кучиња и мачиња се и рестораните, затоа што сопствениците пред влезните врати им оставаат храна – се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Исто така, уличните кучиња се последица, а не причина сами по себе. И тоа се последица заради целата испорастурена храна по улици, која всушност ги создава условите да има кучиња.
– Чести слики што можат да се видат по населбите се таканаречените „хуманитарци“ што одат по парковите и покрај зградите и дополнително оставаат храна и мислат дека прават добро, а всушност го прават најлошото, односно директно создаваат дополнителни услови за да има уште повеќе кучиња по улиците. Дали на тој начин си ја олеснуваат совеста дека се позитивен лик во приказната наречена улични кучиња, а потоа кога ќе се накотат „Цацко ни е крив“. Треба со закон да се забрани хранење на улични животни, не е ова зоолошка на отворено – вели една скопјанка.
Проблем се и бројните напуштени објекти, диви живеалишта (населбата спроти ПИОМ, кај Транспортен центар, во Мичурин до црквата, кај „Ранка Милановиќ“, во Маџари, кај Домчето во Ченто и многу други локации) каде што има глутници бездомни животни.
Други, пак, сметаат дека треба да се предвидат драконски казни за неодговорно сопствеништво. Сметаат дека не е доволно кучето само да се нахрани, туку истото треба да се шета најмалку двапати во денот.
– Строга контрола на легла на кучиња, да не се дозволува чување на кучиња на секого и тој што чува да биде психички и физички подобен за тоа. Во други земји се дава дозвола за чување куче, за која се полагаат испити, и секако сите домашни кучиња се стерилизирани. Само човек со дозвола за парење на кучиња може да го прави тоа – вели скопјанка.
Со ова се сложуваат и од здружението за заштита на животните „Анима мунди“. Оттаму сметаат дека проблемот е системски и децениски и се провлекува со години. За решавање на проблемот велат дека е неопходен мултисекторски пристап, односно секој во системот да ја врши работата за која е надлежен. Потенцираат дека основен проблем е законската рамка, односно потребно е под итно да се смени Законот за заштита и благосостојба на животните.
– Менувањето е во смисла на строго регулирање на одговорното сопствеништво, забрана за непречено размножување на животните, строги казни за нивно напуштање, како и регулирање на трговската дејност, што кај нас не постои- велат од „Анима мунди“, нагласувајќи дека тоа е коренот и причината што проблемот се провлекува низ годините.
Реагираат на тоа дека не се санкционира неодговорното чување на кучиња кои според физичките предиспозиции можат да бидат опасни. Воедно, наведуваат дека и голем број неупотребливи кучиња кои се користеле за борби завршуваат на улица.
– Во ЈП „Лајка има околу 50 такви кучиња, меѓу кои и питбули. „Лајка“ има ограничен капацитет и никако не може да ја регулира присутната прогресија ако не се дефинираат правата и обврските на граѓаните со закон – тврдат од „Анима мунди“.
Ова здружение веќе ги изработило предлог-измените на Законот за заштита и благосостојба на животните кои ќе бидат доставени Собранието. Со нив тие бараат строга забрана за неконтролирано размножување на животните, строги казни за напуштање на миленици и негово третирање како кривично дело.
Велат дека тоа е добро решено со хрватскиот Кривичен закон, по чиј пример и тие бараат напуштањето на миленици да биде кривично дело.
– Ако не се смени законот ќе се вртиме во круг, а безбедноста на граѓаните нема да биде зголемена – нагласуваат од „Анима мунди“.
Надлежните од „Лајка“ велат дека е невозможно сите кучиња да се однесат во еден стационар. Тоа би било неиздржливо од финансиски аспект, но и не го решава проблемот.
– Прво и клучно е да се затвори изворот на проблемот, односно неодговорното чување на кучиња од сопствениците. Тоа значи дека луѓето кај нас многу лесно напуштаат кучиња и ги оставаат на улица и тоа никој не го санкционира. Кај нас целото сфаќање на благостојбата на миленичињата е на многу ниско ниво, следствено на тоа имаме и неодговорно однесување и непочитување на нивните законски обврски како сопственици – изјави Радмила Пешева, директор на ЈП „Лајка“.
Таа додава дека кучето не смее да се напушти, мора да се микрочипира, мора да се шета на поводник, не смее да се пушта само без надзор и ред други работи. Според Пешева друг проблем е тоа што во нашата држава продажбата, купувањето и размножувањето на кучињата не е законски регулирано.
– Каде нема регулирање се создава хаотична состојба и комунален проблем каков што го имаме – децидна е Пешева.
Смета дека мора да се работи на превенција на проблемот.
– Кога кучето веќе е фрлено на улица ЈП „Лајка“ може да го залови, тоа да помине низ хуман третман, односно да се стерилизира и да се врати назад на локацијата од каде што е заловено. „Лајка“ не може да го реши проблемот, туку само да го амортизира без помош од другите институции кои треба да се погрижат кучињата да не завршат на улица, а тоа се МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од АХВ пак, до затворањето на весникот не одговорија што е тоа што треба да се преземе за да се тргнат бездомните кучиња од улиците и како во околните држави е решен овој проблем и што е тоа што од нив би можело да се примени и кај нас.
Граѓаните, пак, кои биле каснати од кучиња велат дека со проблеми се соочуваат и по каснувањето кога ќе отидат во болница. Дел од нив раскажуваат дека нема вакцина за тетанус и лекови мора да купуваат приватно. Други, пак, коментираат дека обесштетувањето не помага да се надмине траумата по напад од куче.
Секој граѓанин кој ќе биде нападнат или каснат од бездомно куче има можност да иницира приватна тужба против Град Скопје, каде што може да добие надомест на штета настаната како резултат на каснувањето. Висината на надоместокот на штетата ја утврдува судот, а таа е различна од случај до случај, во зависност од степенот на настаната штета.
Според некои просечни вредности, годишно околу сто граѓани поднесуваат тужба бидејќи биле нападнати, каснати и повредени од улични кучиња. Речиси сите тужби завршуваат со полза на граѓаните, а обесштетувањето, кое потоа им го плаќа Градот, се движи од 1.000 до 2.000 евра.
Од Општините и од Град Скопје, иако признаваат дека има голем број улични кучиња низ улиците, се сомневаат дека сите тужби се вистински. Велат дека постои мрежа за лажно пријавувања каснување од куче меѓу полицијата, лекари кои даваат лажни потврди за повредата и адвокати кои ја тужат Општината за отштета, за што од општинските буџети се излеваат стотици илјади евра годишно, а сумата расте од година в година.
Европа го реши проблемот со бездомните кучиња после Втората светска војна. Во Виена ако ти избега куче, полицијата ќе ти го врати со фактура од 1.500 евра. Во Холандија казна за напуштено куче е 16.000 евра. Такви казни треба да има и кај нас.
Според анализа направена по англиски метод, во Скопје во 2021 година имало околу 2.000 бездомни кучиња. Оттогаш никој не лицитира со нови бројки, но очигледно е дека во моментов бројот на улични кучиња е далеку поголем.
(А.П. и С.Бл.)