Почеток Скопје  Пуштен во употреба гејминг центар за млади

 Пуштен во употреба гејминг центар за млади

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Во рамките на партнерството помеѓу УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Црвениот крст на град Скопје, во рамките на ДХО „Даре Џамбаз“ денеска е пуштен во употреба Гејминг центар за млади.

Станува збор за ангажирачка едукативна средина која нуди можност за користење на слободното време на младите бегалци, баратели на азил и млади од локалното население кои припаѓаат на ранливите категории лица.

-Сржта на овој центар е да им понуди можност на младите за развој на дигитални вештини, но тој има за цел исто така да ја поттикне нивната креативност, тимската работа, стратешкото размислување преку медиумот на игри, а и да ја олесни интеграцијата и да го подобри менталното здравје на ранливите категории млади луѓе во македонското општество, вклучувајќи ги бегалците и барателите на азил – соопштија од Црвениот крст на Град Скопје.

Центарот е опремен со 10 гејмерски компјутери со соодветен софтвер, игри и периферни уреди и во рамки на активностите ќе се реализира програма за дигитално слободно време спроведена од страна двајца едукатори за дигитални содржини. Преку структуриран пристап, овозможено ќе биде присилно раселените лица и младите од локалните средини да поминуваат време заедно, да учествуваат во дигитални слободни активности и да се стекнат со дигитални вештини и знаења.

Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој истакна дека верува во трансформативната моќ што ја има вклучувањето, поминувањето структурирано време заедно, учењето нови вештини, но исто така и играта, споделувањето хоби и слободно време со врсниците.

-Сето тоа е клучно за добросостојбата и успешната интеграција на младите присилно раселени луѓе во општеството – нагласи Гуалано де Годој.

Секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска додаде дека во средиштето на волонтерството е ангажманот на заедницата при интеграцијата на сите луѓе во општеството, вклучувајќи ги и присилно раселените лица кои немале избор освен да избегаат од својот дом.

-Црвениот крст постојано работи на подигнување на свеста за потребата од ангажирање за интеграција, за подобрена комуникација помеѓу врсниците, за учење и прифаќање на културните разлики, за споделување и учење вештини едни од други и за промовирање на принципите на вклучување и еднаквост – потенцираше Тунева Пауновска

Проектот е поддржан од Службата за иновации при УНХЦР преку Фондот за дигитални иновации, врз основа на минати истражувања на полето дигитално слободно време, физибилити студијата за хуманитарен ангажман со видео игри и консултации со присилно раселените луѓе.

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro