И втората анализа на вода, направена вчера во фабриката за вода и три други места низ градот ги задоволува параметрите за употреба за пиење, објави комуналното претпријатие „Комуналец“ – Струмица.
Според објавеното испитување од акредитираната лабораторија „Проанализ“ од Струмица, испитуваната вода за пиење содржи манган во рамките на дозволеното, а и останатите параметри се во рамки на дозволените граници.
Освен од фабриката за вода, испитувани се примероци од училиштата „Сандо Масев“ и „Димитар Влахов“, како и од градинката „Клон 6“.
Струмица и шест населени места веќе три недели се без вода за пиење, а од 8.10.2024 година, водата за пиење е забранета за употреба и во Општина Василево, која исто како и Струмица со вода се снабдува од акумулацијата „Турија“.
Од средата водата за пиење е забранета и во општина Босилово, а населението се снабдува од канистри.