Иако Златан Ибрахимовиќ минатата година ја заврши својата играчка кариера, се уште неговите изјави привлекуваат големо внимание кај јавноста, без разлика дали се нови или стари.
Така изјавите кои Ибракадабра ги даваше во текот на кариерата често повторно се наоѓаат во центарот на вниманието, а тоа беше и изминатите неколку дена.
Имено, на социјалните мрежи деновиве кружи изјавата што еднаш Ибрахимовиќ ја кажа за Челзи кога откри дека имал можност да потпише за тој клуб, но ја одбил.
Легендарниот фудбалер на калчо гигантот Милан тогаш изјави дека Челзи не може да го донесе бидејќи тој самиот има повеќе трофеи од лондонскиот клуб.
„Челзи не може да ме ангажира. Имам повеќе трофеи од Челзи. Јас сум тој што треба да ги „потпише““, арогантно изјави Ибрахимовиќ пред неколку години кога беше прашан за лондонскиот премиерлигаш.
Тогаш оваа изјава не привлече големо внимание во Англија, но повторно се појави на социјалните мрежи и сега е забележана.
Имено, легендарниот капитен на Челзи, Џон Тери, „налета“ на оваа изјава и не можеше да ја игнорира, иако тоа беше нешто што Ибрахимовиќ одамна го имаше кажано.
Тери реши да остави коментар на страницата на која е објавена изјавата на Ибрахимовиќ и ги воодушеви навивачите на Челзи со тоа што му го кажа на поранешниот шведски напаѓач.
„Не сакаше да биде на резервната клупа“, напиша Џон Тери и го означи Дидие Дрогба, кој во тоа време беше првиот напаѓач на тимот од „Стемфорд Бриџ“.
Ибрахимовиќ никогаш не криел дека нема многу добро мислење кога е во прашање Челзи, а се започна во 2015 година кога ПСЖ и Челзи играа во Лигата на шампионите.
Тогаш Златан доби црвен картон на „Стемфорд Бриџ“ поради невнимателен старт. Играчите на лондонскиот клуб веднап извршија голем притисок врз судијата, а Ибра не им остана должен по натпреварот.
„Најлошото е што кога го добив црвениот картон, сите играчи на Челзи ме опколија. Се чувствував како да сум опкружен со бебиња кои плачат“, изјави Ибрахимовиќ по тој натпревар.