Нов скандал ја тресе скопската Зоолошка градина. По пцовисувањето животни од болест или од старост, по колењето на коњите, овој пат на Зоолошката ѝ е ставен клуч на врата, најмалку 21 ден, поради откриен вирус на птичји грип – H5N1 кај една пцовисана гуска. Тоа го запали алармот кај Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде што наложија сите птици што, веројатно, биле во контакт со пцовисанта гуска во едно од езерцата во паркот, да бидат хумано убиени. Станува збор за 24 патки, шест гуски, пет кокошки и за една чавка.
Епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи посочи дека луѓето треба да бидат спокојни, затоа што ризиците за заразување се занемарливо мали, под ризик да се заразат се исклучиво птиците
Нов скандал ја тресе скопската Зоолошка градина. По пцовисувањето животни од болест или од старост, по колењето на коњите, овој пат на Зоолошката ѝ е ставен клуч на врата, најмалку 21 ден, поради откриен вирус на птичји грип – H5N1 кај една пцовисана гуска. Тоа го запали алармот кај Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде што наложија сите птици што, веројатно, биле во контакт со пцовисаната гуска во едно од езерцата во паркот, да бидат хумано убиени. Станува збор за 24 патки, шест гуски, пет кокошки и за една чавка.
А оваа мерка, како што објаснија од АХВ, се прави за спречување и искоренување на болеста авијарна инфлуенца. Затоа е забранет влез и излез на животни од ЗОО, ограничено е движењето на посетителите, ќе се спроведуваат мерки за дезинфекција, испитување на другите птици во Зоолошката градина за присуство на вирусот на птичји грип, зголемување на биосигурносните мерки…
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска, во изјава за медиумите, нагласи дека вкупно 16-мина вработени во Зоолошката градина се анкетираат од страна на епидемиолози, поради појавата на птичји грип. Таа смирува дека нема место за паника, бидејќи во Европа има регистрирани случаи на заболени птици, но не и на луѓе.
Од Зоолошката градина, преку соопштение, известија дека интервенцијата на АХВ била без налог, решение или друг доказ и најавија кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и лицата што упаднале таму со оружје.
– Без доказ, убија неколку десетици птици, кои слободно се шетаа. Тоа се украсни видови шатки и гуски што живеат во Градскиот парк, а имаат природен пристап во Зоолошката градина од Градскиот парк – реагираа од Зоолошката градина и сметаат дека станува збор за измислен проблем за да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје и за да ѝ се наштети на угледот.
По обвинувањата од Зоолошката градина, ден подоцна, од АХВ, преку соопштение до медиумите, ги објаснија причината и начинот на кој постапиле. Оттаму велат дека ЗОО Скопје, иако детектирала пцовисано животно на ден 14.10.2024 година, не постапила по законски процедури, според кои е должна секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријави до надлежниот официјален ветеринар. Тие самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина, кој е примен на обработка наредниот ден.
– На ден 18.10.2024 година е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој Х5Н1, кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје, не почитувајќи ги законските прописи, не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр. 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ – се наведува во соопштението.
Велат дека во саботата направиле вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје, по што официјалниот ветеринар донел забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена пцовисаната птица, со исклучок на тројца вработени, кои со полна заштитна опрема вршеле убивање и манипулација со птиците.
– Сомнежите за ЗОО Скопје дали е извор на бактерии или на вируси, дали е постапувано и досега согласно со законските прописи, пцовисувањето на многу животни за краток временски период и низа нерегуларности ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи – вели директорот на АХВ, Оливер Миланов, кој уверува дека мора да им се верува на стручните служби.
Од зоо-активистите „Анима мунди“ бараат одговорност од сите што наредиле и спровеле, како што велат, вакво умоболие врз животните.
– Иако во Македонија не е забележан ниту еден случај на птичји грип кај домашната живина и вирусот на птичји грип е речиси без никаква опасност за здравјето на луѓето, за само еден ден е направен масакар врз птици во ЗОО Скопје. Најсурово – со пушки, кршење вратови, фрлање живи во канти за ѓубре, се ликвидирани – велат од „Анима мунди“.
Се огласија и партиите. Од ЛДП побараа одговорност од надлежните, како и пломбирање на ЗОО. Советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, вината за состојбата во Зоолошката градина ја фрла врз скопската градоначалничка, Данела Арсовска, за која вели дека е позната по негрижата за граѓаните, а сега била на праг да предизвика епидемија со птичји грип.
– Што направи таа? Скопската Зоолошка ја претвори во еден хорор-филм, каде што за помалку од три години направи помор и таму умреа повеќе од 40 егзотични животни, установа што ја следат само инциденти. Сепак, доколку не се ангажираа институциите во Зоолошката, ќе се случеше катастрофа од невидени размери – потенцираше Кирков.
Поранешниот директор на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, најави дека ќе отвори фондација за спас на Зоолошката градина, под името „За европска зоолошка“, чија примарна цел ќе биде обезбедување финансиска поддршка за Градината и за нејзините вработени.
– Фондацијата ќе биде посветена на развојот и одржувањето на Зоолошката градина според европски стандарди, овозможувајќи соодветни услови за живот на животните, унапредување на инфраструктурата, како и обезбедување средства за професионален развој и соодветни услови за работа на вработените, какви што, впрочем, заслужуваат, а во моментов ги немаат – наведе Галетановски.
Тој додаде дека со формирањето на фондацијата ќе се стреми за зголемување на свесноста за важноста на заштитата на животинскиот свет и едукацијата на јавноста за овие прашања, во соработка со релевантни европски институции и организации.
Проф. д-р Даниловски: Ризикот да се заразат луѓето од птичји грип е многу мал
Епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи ги смири граѓаните дека опасноста од вирусот е минимална и посочи дека мерките на АХВ, колку и да изгледаат отстрана драматично, се легитимни и легални.
Тој потенцираше дека луѓето треба да бидат спокојни и оти место за страв не треба да има, зашто, како што објасни, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали.
– Ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина. Нема овде многу работа за ИЈЗ, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина и над вработените. Сепак, за нивно заразување, ризиците се минимални – истакна Даниловски.
Тој додаде дека може да се зарази човек само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата.
– Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓето што професионално работат со живина. Не постои ризик од заразување од месо и од јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулацијата со свежо месо – појасни Даниловски.
Преносот од човек на човек е многу редок и досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ. Според Даниловски, периодот на инкубација се движи просечно од два до пет, па и до 17 дена.
– Знаците и симптомите на птичји грип кај луѓето може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареја, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади) – вели Даниловски.
Тој додава дека стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50 %, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип.
– Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен. Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто ризиците за заразување навистина се занемарливо мали – тврди епидемиологот Даниловски.
(А.П.)