Сите државни институции кои имаа објавено огласи за вработување во државните институции, а кои по одлуката на Уставен суд за укинување на “балансерот“ без замрзнати, од денеска ќе добијат инструкции како ги спроведат, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев во телевизиско интервју и најави дека веќе утре ќе излезат со конкретни насоки.
– Инструкциите кои ќе ги дадеме ќе се однесуваат на сите огласи, дури и на оние што биле во рамки на започнати пред времената мерка на Уставниот суд односно со Балансерот и секако оние институции што не ги засега Балансерот, а имаат веќе започнато јавни огласи или конкурси, рече Минчев.
Потенцира дека насоките ќе бидат сите конкурси да се завршат, а според неговите информации, тоа се некаде од 25 до 30 огласи што се со Балансерот да завршат и од одлуката на Уставниот суд, како што рече, ќе бидат по новата методологија.
За тоа каква е состојбата во јавната администрација, Минчев се осврна на бројките од крајот на 2016 година кога имало околу 1290 институции со околу 130 илјади вработени. Во 2023 година во декември како последен пресек имало околу 1370 институции и 129 илјади вработени во јавниот сектор.
Според него, не е најбитно прашањето колкав е бројот на јавната администрација, туку со каков квалитет, со какви услуги кон граѓаните и со какво знаење и умешност јавната администрација ќе се користи да ги даде потребните услуги на граѓаните.
– Ваквиот состав на јавната администрација, според мене, недоволно обучен, недоволно едуциран, недоволно квалитетен, е производ на 30 годишното партиско вработување и на непотизмот, изјави меѓу другото министерот Минчев, додавајќи дека клучот да нема партиски вработувања се политичките партиии кои се на власт.
Тој упати порака дека оваа Влада има силна мотивација овој процес на реформи во јавната администрација да го постави на топ приоритетите на својата агенда и самото формирање на Министерството за јавна администрација докажува дека Владата е во силен налет, како што рече, да го реформира јавниот сектор.
Потенцираше дека владината коалиција има капацитет да отвори политички дијалог со кој ќе се најде соодветно решение за Законот за правична застапеност и ќе го гарантира уставното право на граѓанитеви. Тој капацитет постои, нагласи Минчев и изрази надеж дека до такво решение ќе дојде.
Посочи дека ова е осетлива тема и не треба да се брза. Сметам дека во рамки на овој процес што е пред нас, треба да се вклучат сите оние кои можат да помогнат да се дојде до квалитетно, содржајно решение што ќе го реши проблемот засекогаш, рече министерот.