Американскиот државен секретар Антони Блинкен го повика Израел да го „капитализира“ убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар за да обезбеди долгорочна безбедност за Израелците и Палестинците, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Блинкен ова го изјави за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ал Кудс (Ерусалим).
„Државниот секретар на САД ја нагласи потребата да се искористи успешната акција на Израел во која беше убиен Јахја Синвар за да се обезбеди ослободување на сите заложници и да се стави крај на конфликтот во Газа на начин кој обезбедува трајна безбедност и за Израелците и за Палестинците“, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер. се вели во соопштението.
Тој посочи дека Блинкен и Нетанјаху „дискутирале за важноста на трасирање на нов пат во постконфликтниот период што ќе им овозможи на Палестинците да ги обноват своите животи и да овозможат управување, безбедност и реконструкција на Газа“.
Милер, исто така, рече дека Блинкен ја нагласил потребата Израел да преземе дополнителни чекори за да ја зголеми испораката на хуманитарна помош до Појасот Газа и да обезбеди помошта да стигне до цивилите низ целата енклава.
Двајцата официјални лица разговараа и за Либан и напорите за постигнување дипломатско решение долж израелско-либанската граница.
„Тие разговараа за потребата од одвраќање на понатамошна регионална агресија од страна на Иран и неговите сојузници, вклучително и континуираните напори на САД и партнерите. Државниот секретар ја потврди посветеноста на САД за безбедноста на Израел“, се вели во соопштението.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во вторникот пристигна во Израел, првата станица од неговата нова турнеја на Блискиот Исток, чија цел е да се стави крај на војната во Газа.
Ова е 11-то патување на Блинкен на Блискиот Исток од 7 октомври 2023 година и се очекува да разговара за ситуацијата во Газа и Либан со највисоките израелски претставници, како и потенцијалниот одговор на Тел Авив на ракетниот напад на Иран врз Израел на 1 октомври.
Стејт департментот претходно соопшти дека блискоисточната турнеја на Блинкен ќе трае до 25 октомври и ќе ја потврди посветеноста на САД за градење мир и безбедност во регионот.