Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен на средбата со премерот Христијан Мицкоски во Владата, уште еднаш го потсети за уставните измени.
„Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Ние имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно поскоро.
Со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе направат потребните заеднички чекори за напредок и уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат,“ изјави Фон Дер Лајен на заедничката прес-конфернција со премиерот Христијан Мицкоски.
Таа додаде дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години.
„И навистина сакам да ја пофалам Северна Македонија и да одадам почит на луѓето. Сега работата навистина мора да продолжи,“ рече Фон Дер Лајен.
Мицкоски изјави дека визијата на Владата е јасна, Македонија сака да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права.
„Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани.
Владата високо ја цени заложбата на претседателката за проширувањето на Европската Унија во најскоро време. Во овие услови на променета геополитичка ситуација во светот, нашата земја останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ.
Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ.
Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани,“ изјави Мицкоски.
Фото/Влада
The post Фон дер Лајен го потсети Мицкоски за уставните измени appeared first on еМагазин.