Русија не успева да ја добие поддршката што ја бара од земјите на БРИКС, изјави вчера портпаролот на Европската комисија како одговор на прашање поврзано со состанокот во Казан.
Портпаролот додаде дека тоа ја покажува меѓународната изолација на Москва.
-Состанокот беше обид на (рускиот претседател Владимир) Путин да го злоупотреби руското претседавање со БРИКС за да се надмине меѓународната изолација, рече портпаролот.
Според него, во генералната декларација усвоена на состанокот нема единствен став за војната во Украина.
-Декларацијата од Казан не се однесува на нас. Санкциите на ЕУ се засноваат на правни одлуки според сегашното законодавство, рече портпаролот.
На самитот белорускиот претседател Александар Лукашенко даде интервју за „Ројтерс“, во кое меѓу другото изјави дека Путин не е подготвен да користи нуклеарно оружје стационирано во Белорусија без негова согласност.
-Јас сум целосно подготвен. Зошто инаку би го имале тоа оружје? Но само ако странска воена чизма стапне на тлото на Белорусија. Немаме планови да нападнеме некого, рече Лукашенко.
Состанокот на БРИКС во Казан се одржува во проширен состав (БРИКС+), а пленарната седница ја отвори Путин.