Општина Гази Баба започна со мерење на концентрацијата на цврсти честички со големина од 2,5 микрометри на две локации, од кои едната е урбана средина (населено место Железара), а другата рурална средина (населено место Јурумлери), со цел добивање компаративна анализа на квалитетот на воздухот во урбаната и во руралната средина.
Мерењата ќе се спроведуваат во континуитет од 10 дена, во сите временски сезони во текот на една година.
– Мерењата се прават согласно со утврдените стандарди за земање примероци МКС EN 14907:2006, а потоа ќе се изврши хемиска анализа на филтрите за да се утврдат изворите на загадување и за да се направи компарација на изворите во урбаната и во руралната средина. По завршувањето на годишниот мониторинг, ќе се направи конечен извештај, од кој ќе произлезат предлог-мерки за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух – информираа од Општина Гази Баба.