Почеток МАКЕДОНИЈА Забошотија ли институциите во случајот со помилувањата?!

Забошотија ли институциите во случајот со помилувањата?!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Долг бил патот на молбата за помилување на Акиф Равмановски, која според Министерството за правда била доставена уште во периодот на предизборието, од затворската управа, преку разгледување пред комисијата во Правда, до вилата на Водно, каде што претседателката пред празникот го „крена палецот“, за осуденикот и го помилува. Арачиновецот, кој јавноста го поврза со криминалниот наркоклан наречен по едно кафуле во скопски Чаир, Барон, токму во истата населба сам си потврди дека не е за помилување, се однесуваше спротивно на законот, со намера да го убие, пукаше во 35-годишен скопјанец и тоа во време кога излегол од Идризово заради работен ангажман. Во неговата молба за помилување, бидејќи долго се прочистувала по институциите, изостанаа податоците за новата истрага, како и информацијата дека го променил однесувањето. Сега веќе повратникот во македонските затвори, бидејќи Кривичниот суд му одреди мерка притвор за обидот за убиство, според надлежните комисии ги задоволувал критериумите за да биде пуштен со условна осуда.

„Ние го разгледавме случајот и заклучивме тој се однесувал пристојно во затворот, не бил дисциплински казнуван, дека е со високо образование, дека е женет, дека има семејство. Немав поим дека, јас барем и сите други тврдам, дека тој бил некаков шеф на некаков клан и се решивме за првостепената пресуда на Основниот кривичен суд, односно нашиот предлог да биде идентичен со тој на првостепениот суд“, изјави за ТВ Телма, претседателот на Комисијата за помилување, професорот на правниот факултет, Методија Каневчев, кому не му е првпат да членува во претседателската комисија за помилување.

Според Законот за помилување членовите на двете комисии, во Правда и таа кај претседателката, располагале со податоците на осуденикот како и со и оценката дали е склон да го повтори делото. Претседателката во својата изјава дека личностите биле интересни во негативна смисла на зборот и оти едниот бил со дело за нелегално оружје и муниција, а другиот за насилно однесување, елементи кои и те како се повторени во последното однесување на помилуваниот повратник во затвор, кој пак не почека и ѝ поласка на социјалните мрежи со зборовите дека е најдобра прва дама со што го покажа на дело неговото пристојно однесување.

Забошотија ли институциите во случајот со помилувањата? Одговорот лежи во нивните некоординирани и противречни изјави во јавноста. Министерот за правда изјави дека не ги знаеле имињата, туку само делата, а во законот стои дека располагаат со податоците. Членот на комисијата професорот на правниот факултет, Гордан Калајџиев, веднаш по реакциите од јавноста изјави дека се воделе од кривичните дела и казните и оти не знаеле за кого се работи.

Поранешниот член на комисијата за помилување на претседателот, професорот Темелко Ристевски, за весникот ВЕЧЕР, изјави дека претседателската комисија за помилување е финалниот филтер кој требало да ги провери сите податоци за осудениците кои бараат помилување и да  дадат квалитетно мислење на претседателот пред да потпише. Ристески вели дека Комисијата за помилување на има советодавна улога, претседателот може да го прифати нејзиното мислење, но и не мора. Шефот на државата може да си одлучи по свое слободно уверување.

„Сметам дека комисијата не ги прибрала сите податоци за осудените од молбите за помилување, требало да водат сметка како ќе одекне тоа во јавноста и да не се сфати дека можеш да направиш какво било кривично дело за кое подоцна би бил помилуван. Молбите до Комисијата кај претседателот доаѓаат со предлог од Министерството за правда, по што треба да ја утврдат фактичката состојба за осуденикот, да ги проверат податоците од судот каде се водела постапката, од затворската управа и од други институции, по што треба да дадат квалитетно мислење на претседателот“, вели Ристевски и додава дека гледајќи го составот на Комисијата, во неа недостасуваат луѓе од праксата, односно судии или обвинители како што имало во некои поранешни комисии.

Додека двете комисии си ја префрлаат топката, нема ниту објаснување ниту одговорност за контроверзното помилување. Министерот за правда Филков, на новинарско прашање, вчера уште еднаш повтори дека министерството не помилува, туку единствено дава препорака за намалување на казната на осуденикот од еден до шест месеци, а таа потоа оди кај претседателката на државата, односно кај Комисијата за помилување. „Поради сите случувања во последните 24 часа, сакам да напомнам една многу важна работа – институтот помилување е многу важна работа во државата. Не смееме да се доведеме да биде предмет на дневнополитички игри и препукувања, а нам тоа ни се случува“, изјави министерот и додаде дека на комисијата и е потребно освежување. (П.А)

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro