Почеток „Шумовидение“ – изложбата на фотографии од Златко Лозаноски

„Шумовидение“ – изложбата на фотографии од Златко Лозаноски

ekran.mk
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, како дел од неформалниот тековен концепт-проект Ѕид На Уметноста, оваа сабота, 26 октомври 2024 година во 21:00 часот ќе ја отворат изложбата на фотографии насловена „ШУМОВИДЕНИЕ“ на Златко Лозаноски.

МИСТИЧНИТЕ ШУМСКИ ПРЕДЕЛИ ВО ОБЈЕКТИВОТ НА ЗЛАТКО ЛОЗАНОСКИ

Да се прави фотографии е веќе ообичаено, многумина посегнуваат по оваа магична уметничка алатка за да ги доближат своите погледи, доживувања и емоции пред очите на светот, особено кога дигиталната технологија секојдневно се развива, а најноите мобилни уреди поседуваат исклучително квалитетни камери со кои може да се запишуваат моменти од секојдневието.

Секако, случајот со Златко Лозаноски воопшто не е таков наивен и површен, тој знае да чека момент за добра фотографија и одново и одново да се враќа на истите локации за да го долови идеалниот кадар, а композицијата да биде препознатлива како негов авторски ракопис. Изложбата „Шумовидение“ која ја подготвивме за струмичани презентира селекција од неговите најдобри дела, фотографии кои засебно говорат за една магична тема, а целата целина создава автентично патување низ светогледот на фотографот. Секоја фотографија од овој циклус кој сочинува 12 фотографии ни презентира одредена филмска кадравија, вивидна и исполнета со длабока емоција. Изборот да се занимава со црно-белата фотографија како техника го одделува од останатите фотографи во Македонија, а драматичноста која ја доловува може да биде основа за развој на дополнителна инспирација кај гледачот.

Во светот на бесконечноста што ја нуди уметноста, фотографијата е можеби еден од најгласните инструменти за изразување идеи, погледи и чувства. Фотографијата како уметност и професија е комплицирана и бара учење. Сепак, она што најмногу и дава моќ на оваа виртуозност се чувствата и искреноста што еден фотограф ги изразува преку својата работа, баш онака како што тоа го прави Лозаноски со неговиот пристап и аналитична подготовка за време на процесот.

Несомнената убавина на Западна Македонија и локацијата на родниот град на овој фотограф (Кичево лежи во долина во југоисточните падини на планината Бистра), му овозможуваат да го спои земното со нематеријалното и да им помогне на луѓето да се поврзат со нивниот прв дом – Мајката, односно природата во нејзината целосна убавина и занес. Како интроверт и приврзаник на сопственото „јас“, тој создава фотографии кои ги истакнуваат неговите погледи и чувства кон светот, природата и сопственото битие. Светот некогаш е неговиот дом, понекогаш најголемата причина за бегство, а природата е местото каде што тој ги наоѓа одговорите за себе и за другите трагачи по вистината и причината за нашето постоење.

Со скромен и едноставен стил, Златко Лозаноски одлично го изразува својот начин на набљудување на внатрешното, непознатото и мистериозното, тој свесно ја допира суштината на постоењето, ја објаснува смислата на животот и покажува што се случува кога ќе се споиме со природата. Лозаноски потсвесно „зборува“ за својата индивидуалност и тоа најдобро се покажува во сингуларноста на предметите/ентитетите што постојат во композицијата на неговите фотографии. Неизбежен факт е дека неговите прецизни обиди и финални резултати го прикажуваат човечкиот конфликт со ништожноста, празнината и нихилистичките моменти. Преку дел од неговите дела, Златко дискретно ја покажува својата свесност за постоењето на злото и „темната страна“ на животот. Маглата, густите шуми и непроодните патишта се единствениот симбол за животните предизвици, па оттука и насловот на изложбата „Шумовидение“- Митко Гогов.

Златко Лозаноски е македонски фотограф роден 1980 година во Кичево. Основно и средно образование завршува во родниот град, кадешто живее и работи до денес. Фотографијата е секојдневно прибежиште на Златко и иако обврските и секојдневието понекогаш му го крадат времето што може да го потроши во создавање уметност, тој знае како да најде начин да се врати на своето хоби, со искуство од околу 20 години. „Шумовидение“ е негова прва самостојна изложба.

The post „Шумовидение“ – изложбата на фотографии од Златко Лозаноски appeared first on ekran.

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro