Почеток МАГАЗИН - ЗАНИМЛИВОСТИЗабава Марија Шерифовиќ пред својот концерт во Скопје: Немам нерви кога некој „лае“ за мене,  тогаш сум непријатна, инаку сум многу ранлива!

Марија Шерифовиќ пред својот концерт во Скопје: Немам нерви кога некој „лае“ за мене,  тогаш сум непријатна, инаку сум многу ранлива!

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

Евровизиската победничка Марија Шерифовиќ ексклузивно за весникот ВЕЧЕР…..Моето расположение го диктира самата публика.  И разно-разните останати околности, како на пример: дали убаво сум наспиена, како е среден мојот приватен живот во тој момент, на која нога имам станато…

Луѓето често ја доживуваат како груба, малку безобразна, дури и невоспитана, но Марија Шерифовиќ, евровизиската ѕвезда која на Евровизискиот фестивал победи со хитот „Молитва“ ама, баш воопшто не е таква. Во нашето Скопје дојде поради пресот за својот солистички концерт закажан за 2 ноември во салата „Борис Трајковски“, сосема искулирана иако настината.

И веднаш на почетокот на разговорот ѝ кажуваме токму тоа дека многумина честопати ја чувствуваат како таква – арогантна!

-Сосема погрешна проценка! Јас само немам нерви. Не сакам кога некој е бавен во сè, а притоа и не е бавен да „лае“ за мене. Тогаш сум непријатна. Всушност, многу сум ранлива и чувствителна како личност.

0 После Песна на Евровизија на која убедливо победи, дали повторно би се прифатила да учествуваш? 

-Бог да чува никогаш повеќе не би одела на Песна на Евровизија. Доста ми е еднаш што учествував, победив и тоа е тоа. Тоа е моето скромно и искрено мислење.

0 Убава вест е дека твојот скопски концерт е распродаден, дека македонската публика сака да те слуша во живо и дека и ти ја сакаш нашата публика, бидејќи овде настапуваш секогаш со многу љубов

-Па, секако дека е така, дека се секаме јас и моите Македонци. Всушност и насловот на оваа турнеја е „Долази љубав“ (Доаѓа љубов), а тоа е нешто најубаво кога се пее за љубов во каков било облик и хетеросексуален и хомосексуален.  И знаеш што е најинтересно? Буквално секогаш се трудам на секој концерт да запаметам барем по еден лик, некоја интересна фаца, широка насмевка. За таквите потоа раскажувам, се сеќавам на нив.  Ете, и на тебе ќе се сеќавам, зошто да не. Се обидуваш, а тоа го чувствувам, во погоден момент да ми поставиш некое провокативно новинарско прашање, па ајде повели.

0Добро штом е тоа така според тебе, еве го прашањето:дали Марија на сцената ќе не изненади со гардеробата, да не си постојано во панталоните, можеби ќе бидеш облечена во некое убаво фустанче, бидејќи фустаните никогаш не ги носиш?

-Ете, погодив… ќе бидам цело време во розов долг фустан, ама само под еден услов.  И ти со мене на сцената да бидеш исто така во розов фустан. Може така? Па, ако имаш м….повели, па да се забавуваме и ние двајцата и публиката (се смее, хахахахааа….) Инаку, во Скопје доаѓам со мојот бенд, за да им ги подобрам душите на луѓето разочарани од лошите состојби во овие нашите држави овде на овој несреќен Балкан. Да им го излечам срцето и да им подарам најдобар концерт на оние кои ќе дојдат во салата „Борис Трајковски“. За сега не знам дали ќе имам гости на концерт. Сè уште работиме на тоа да договориме некој гостин, веројатно од македонската естрада.

0 А, од кои причини сè уште го памтиш оној твојот последен македонски концерт одржан поодамна, во 2018 година?

– Мене тогаш толку не ми се пееше, толку многу бев нервозна, толку многу не ми беше до ништо, верувај. Дури се сеќавам и како бев облечена таа вечер. Во црни панталони, патики, бела кошула со руска крагна…на сè се сеќавам. И на оној момент кога излегов пред публиката и кога го слушнав сиот тој насобран народ, малку и се исплашив.

 0 Извини, а што сакаш да кажеш, не те разбрав најдобро?

 Па, види вака….Како можам јас да знам во какво располжение сум пред да излезам на сцената под рефлекторите. Моето расположение го диктира самата публика. И разно-разните останати околности, како на пример: дали убаво сум наспиена, како е среден мојот приватен живот во тој момент, на која нога имам станато… А, кога всушност ќе излезам на сцената, тоа нема никаква врска, бидејќи кога ќе ги чујам сите тие насобрани луѓе и кога ќе ја видам таа огромна љубов која што тие мене ми ја праќаат тогаш едноставно немам право мене да ми биде нешто лошо со расположението. Сега, мислам се разбравме!

 0 Според тебе кој подобро пее, ти или твојата мајка Верица Шерифовиќ, која исто така е професионална успешна пејачка, но на народни песни?      

-Мама Верица е совршена пејачка, но таа кога ќе започне да пее душата на секој му ја зема пополека, тивко. Јас тоа го правам на сосема поинаков начин, малку погрубо, малку погласно, така што и ти самиот ќе се согласиш со мене дека не можеме да го споредуваме пеењето на мојата мајка и моето пеење. Тоа се навистина два различни карактери, две различни души. Но, во тоа едното сум најсигурна: не е нормално како пее Верица! Не затоа што ми е мајка, туку затоа што растура со својот моќен глас. Прашајте ги нашите колеги од естрадата, сите до еден истото ќе ви го кажат.

0 Најпосле и после сè, сега си среќна мајка, а тоа е нешто што сосема те исполнува, те смени во онаа позитивна смисла

-Да, сега сум конечно среќна и исполнета личност. Како знаеш? Веројатно се забележува на моето лице кое е насмеано, а порано ми беше намуртено. Ми беше тешко. Поминав еден тежок период, пред да станам мајка. Се соочив со вадење на моите јајце-клетки и потоа создавање на ембрион. По сите тие генетски тестови, дознав дека имам три здрави ембриони. Така и се роди мојот Марио, моето злато, смислата на мојот живот. Дури и одлучив сепак, за оваа Нова година, таа најлудата ноќ на 31.декември кон 1. јануари да ја поминам дома заедно со синчето, во пижамите. Само јас и тој! Веќе наредната ноќ ќе пеам во Будва.                               Дуле Миќиќ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro