Почнувајки од денес и во наредните денови во Кочани ќе се одржува протест против градската депонија која неконтролирано гори и го загадува најосновното нешто за живот, а тоа е воздухот. Сабајле беше блокиран патот за комуналната механизација да влезе во депонијата.
Протестот, како што е најавено ќе се одржува дење-ноќе и кочанци се организираат да доаѓаат во смени со цел да не се дозволи ниту еден камион од комунално претпријатие да влезе во депонијата и да го истури ѓубрето.
Веднаш се јавија општествено одговорни фирми кои со храна ќе го поддржат протестот. Од пицеријата Пјаца Нов Профил како општествена одговорна фирма се понуди во првите 3 дена од протестот да донира 20/30 оброка за луѓето кои ќе бидат присутни на протестот.
– Се покануваат и други општествено одговорни фирми да се приклучат на протестот и да дадат своја подршка. Воздухот е еден за сите, нема наш и ваш, сите заедно да се избориме против ова зло – велат организаторите на протестот.
За 12 часот е најавена седницата на Советот на општина Кочани на која се поканети петмина членови од организаторите на протестот. Тие ќе побараат од општина Кочани и градоначалникот Љупчо Папазов да ги поштеди граѓани и да излезе со јасни датуми од кога ќе почне третманот со алги и 24-часовно обезбедување на депонијата.
– Ќе побараме од градоначалникот да излезе на терен меѓу граѓаните кои се загрижени за своето здравје и за здравјето на децата – велат од еколошкото здружение грин.орг.
Стигна и благословот од свештенството на кочанската црква.
– Сите заедно си даваме подршка и го молиме Господ за здрав и достоен живот во Кочани на секој граѓанин – велат организаторите на протестот.
(С.Бл.)