Редовната настава во неколку средни училишта во реонот на Сараево во понеделникот повторно мораше да биде прекината, откако добија закани за поставени бомби, што потврди дека претходната полициска истрага и бројните апсења на малолетници не го решиле овој проблем, кој интензивно трае веќе еден месец.
„Полицијата ги претресува училиштата, а за се е известено обвинителството“, изјави портпаролката на МВР на сараевската жупанија Мерсиха Новалиќ.
Ова е веќе четврта недела во која училиштата во Сараево добиваат закани за поставени бомби, па според утврдените процедури наставниот процес мора веднаш да се прекине, а специјализирани полициски екипи да излезат на терен за да извршат увид. Сите извештаи досега се покажаа како лажни, но наставниот процес е загрозен, а повеќето училишта во такви ситуации прибегнуваат кон онлајн моделот на настава како што се практикуваше за време на пандемијата.
Заканите со бомби до училиштата доаѓаат главно преку е-пошта од лажни адреси или други онлајн платформи, а полициските истражители со недели трагаат по испраќачи на кои е тешко да им се најде трага.
Досега, сепак, успеале да идентификуваат и приведат 12 такви лица. Само еден од нив бил полнолетен и имал 18 години, додека сите други биле малолетни.