Педофилот кој заработи илјадници фунти создавајќи слики од злоупотреба на деца користејќи вештачка интелигенција и вистински слики од деца е осуден на 18 години затвор, пишува Sky News.
Хју Нелсон (27) од Болтон, Англија, користел вештачка интелигенција за да ги претвори обичните, неексплицитни слики на деца во слики на злоупотреба на деца, пред да ги продаде на форум на интернет.
„Сликите на децата ги нарачуваа нивните татковци, чичковци, семејни пријатели…“
Луѓето кои ги познавале децата во реалниот свет испраќале нивни слики. Нелсон тогаш ќе наплатувал во својата мрежа на педофили 80 фунти за нов „лик“. После тоа, тој ги анимирал децата во различни експлицитни пози и наплаќал 10 фунти по слика.
Во период од 18 месеци, Нелсон призна дека заработил околу 5.000 фунти од продажбата на сликите. Тој пред судот изјави дека во некои случаи ги охрабрувал своите клиенти да силуваат и сексуално да злоставуваат деца.
Во полицискиот разговор, педофилот им рекол на полицајците: „Многу од моите ликови беа нарачани од нивните татковци, чичковци, семејни пријатели“.
„Ова е еден од првите случаи од ваков вид што ја покажа врската помеѓу луѓето како Нелсон, кои создаваат компјутерски генерирани слики користејќи технологија, и злосторствата од реалниот живот зад тоа“, рече обвинителката Жанет Смит.
Неколку педофили неодамна беа испратени во затвор затоа што користеле вештачка интелигенција за да создадат слики за злоупотреба на деца. Меѓутоа, во случајот на Нелсон, полицијата за прв пат успеала да ги поврзе сликите што тој ги направил со вистински деца.
Нелсон, кој нема претходни пресуди, беше уапсен во неговата семејна куќа во Болтон во јуни минатата година и и кажа на полицијата дека има сексуален интерес главно за девојчиња на возраст од околу 12 години.
Сите деца чии фотографии ги добил биле во странство – во Франција, Италија и САД. Информациите за злосторството на Нелсон им биле пренесени на полицајците во тие земји, а повеќе луѓе биле уапсени, пишува Sky News.