Почеток БАЛКАН Ќе се градат спортски сали, градинки, училишта, улици…

Ќе се градат спортски сали, градинки, училишта, улици…

vecer.press
0 коментари
A+A-
Ресетирај

 Во Општина Центар ќе се реализира втората фаза за изградба на спортската сала „Работнички“, Кисела Вода ќе реализира четири капитални проекти: уредување на речното корито на реката Мала Рада, реконструкција на патот кон Пеленица и изградба на тротоар, реконструкција на улицата „Ѓорѓи Димитров“ и доградба на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, додека Општина Аеродром, која доби од Владата 3,4 милиони евра, ќе реализира многу проекти во Мичурин, Острово, Јане Сандански, Стар Аеродром, Ново Лисиче, населбата Лисиче, Горно и Долно Лисиче. Во Гази Баба, пак, во населбата Ченто ќе се гради дом на културата, градинка во Инџиково и спортска сала во Црешево. Бутел, пак, ќе гради мегапарк во Радишани, пешачка патека и кеј на реката Серава, нова училишна сала, а ќе реконструира и големи и клучни сообраќајници

 

Откако Владата и општините ги потпишаа договорите за одобрените проекти за кои добија тие средства, дел од нив обелоденија што ќе реализираат со средствата што ќе им бидат доделени.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека ќе се реализира втората фаза за изградба на спортската сала „Работнички“. Герасимовски информираше дека во салата „Работнички“ во тек се подготвителни активности за започнување на градежните работи од првата фаза.

– Според идејното решение, салата ќе ги задржи истите димензии, но ќе биде целосно реконструирана, со нови паркет и трибини, нови санитарни јазли и нов покрив. Општина Центар работи за повторно да го врати сјајот на некогашниот шампион – наведе Герасимовски.

Со потпишувањето на договорите меѓу владините министерства и општините што учествуваа на јавниот повик, а ги исполнија условите и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра,

Општина Кисела Вода ќе реализира четири големи капитални проекти, кои наскоро ќе станат реалност. Станува збор за: уредување на речното корито на реката Мала Рада, за реконструкција на патот кон Пеленица и изградба на тротоар, за реконструкција на улицата „Ѓорѓи Димитров“ и за доградба на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.

Општина Аеродром, пак, доби од Владата 3,4 милиони евра и, како што велат оттаму, наскоро започнуваат со реализација на многу проекти во Мичурин, Острово, Јане Сандански, Стар Аеродром, Ново Лисиче, населбата Лисиче, Горно и Долно Лисиче.

Дом на културата во населбата Ченто, градинка во Инџиково и спортска сала во Црешево се дел од проектите што ќе се реализираат во Општина Гази Баба, со средствата што ги обезбеди Владата. Освен тоа, како што информираат од локалната самоуправа, дополнително ќе биде изградена и нова улица помеѓу населбите Маџари и Ќерамидница, која е предуслов за изградба на нова детска градинка на овој простор.

Капитални проекти што ќе се реализираат во Општина Бутел со владината помош се: мегапарк во Радишани, пешачка патека и кеј на реката Серава, нова училишна сала, како и реконструкција на големи и клучни сообраќајници.

– Ова се проекти со кои се решаваат децениските проблеми и, конечно ,се реализираат барањата на граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

Во овој круг не беа земени предвид само проектите со кои аплицираа скопската Општина Сарај и Град Скопје, но премиерот Христијан Мицкоски им даде втора шанса, да аплицираат повторно до 15 ноември, за да ја комплетираат проектната документација.

Инаку, Владата потпиша договори со општините за реализација на 274 проекти за капитални инвестиции во вредност од 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот. (А.П.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

2024 – All Right Reserved. Designed and Developed by infobiro