12
Стар виц е и ретко кој не го знае оној со “т’зи дупка не е дупка“, слатко се смеевме на секое негово кажување и се мајтапевме со нашите соседи и нивната тогашна реалност и секојдневие. Царинарница – митница се подбивавме со нив алудирајќи на корупцијата и ситните поткупувања кои полицајците, цариниците и други службеници ги бараа како “черпење”, частење.
Минаха години, ситуацијата се смени, Бугарите заминаа во Европа, ние не останавме, ние заостанавме зад она што некогаш бевме и почнавме да служиме за подсмев и за покажување со прст како лош пример.
Митницата за која им се потсмевавме на Бугарите се пресели кај нас и навлезе во секоја пора на нашето живеење, во секој сегмент, во секоја институција на нашата држава. Ситуацијата стана толку драматична да и странските претставници почнаа да не дефинираат како корумпирана држава на која корупцијата и ги разјадува темелите. Не е самата корупција како феномен од светски размери толку опасна колку што е опасна неказнивоста и селективноста во примена на законот и санкционирањето на истата. Не дека корупцијата ја нема во другите држави, секако ја има, ама ако го откријат и обелоденат корумпираниот функционер, правниот систем без пардон реагира и го санкционира. Кај нас дури и да се открие и обелодени таков случај , почнува политиканско спинување, релативизирање, мешетарење, затскривање, а правниот систем останува нем без реакција и без завршница и санкција потклекнувајќи на политиканскиот притисок кој оди или директно кон обвинителот или судијата, индиректно преку претседателот на судот или функционер во судството или клиентелистички преку испорачување на она се очекува.
Политиканството и корумпираноста неминовно носи партизираност на државата и сите нејзини институции, доминација на политиката и над економијата и над правото, носење на некадарни партиски послушници на челни и битни позиции, промовирање на партиската припадност над квалитетот и знаењето. Сево ова носи неквалитетни, нестручни и некадарни луѓе на државни позиции и функции кои најчесто делуваат по принципот ” т’зи дупка не е дупка”. Сведоци сме во последните децении на многу такви трагикомични ситуации кои народот ги коментира, се исмева но и го загрижуваат поради површноста, ноншалантноста, нестручноста и некадарноста.
Колку пати до сега ни се случило Претседателот на државата да помилува определени лица па потоа да се пишмани , по принципот ” т’зи дупка не е дупка”, а под притисок на јавноста.
Една таква пишман одлука и ден денес создава проблеми во правниот систем и уште не стивнале критиките и полемики, а ни се случува истото пак. И повторно нема реакција во смисла на нечија одговорност од Министерството за правда или Комисијата за помилување туку повторно се спинува, мудрува, објаснува и дообјаснува нешто што е повеќе од јасно и предвидено во позитивните законски прописи. Смешни се објаснувањата, правдањата и спинувањата, поразителна е површноста, нестручноста и лекоумноста, трагична е состојбата што се заедно целата ситуација ја прави трагикомична.
И во нашите внатрешни, меѓунационални односи политиката “т’зи дупка не е дупка” зазема централно место па терористи станаа државни функционери, законот растеглива категорија која важи до Групчин, мнозинство гласови релативен и небитен број без Бадинтер и балансер.
Ваквото однесување и ваквите состојби во нашата држава им ползуваат на соседите, што воопшто не треба да не чуди, па почнуваат да бараат политиката ” т’зи дупка не е дупка” да ја примениме и во нашите билатерални односи. Гледајќи го нашето однесување, нашата разнебитеност и општото расуло, користејќи ја недозреаноста и политиканството како начин на управување со државата го дочекаа својот миг и побараа и добија политиката ” т’зи дупка не е дупка” да се примени и кон нив.
Наеднаш окупаторите станаа администратори, историјата стана предмет на пазарење и прекројување, идентитетот маглива и спорна категорија, името ни стана прекар за маалска употреба, а сите ние станавме кловнови на сопствените глупости и лакрдии.
Т’зи дупка полека но сигурно стана дупка која не носи кон многу длабока бездна на која дното не и се гледа.
Т’зи дупка полека но сигурно стана дупка која не носи кон многу длабока бездна на која дното не и се гледа.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)