Со најголемата екоакција за расчистување на крајбрежјето на Дојранското Езеро, која ја најави градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов, за 9 ноември, започнува најголемата кампања за спас на езерото.
Повод за акцијата, како што истакна Ангов, се повлекувањето на водата и нефункционирањето на хидросистемот за спас на Дојранското Езеро, но и пишувањата и реакциите од загрижени граѓани и вљубеници во Дојран и Дојранското Езеро.
Тој потенцираше дека е подготвена информација до Владата со која се очекува во најбрз можен рок да се стави тоа како точка на дневен ред и за неа да се донесе одлука со која ќе му се наложи на
Министерството за животна средина и просторно планирање да се алоцираат средства за реконструкција и пуштање на хидросистемот во употреба.
Воедно, Ангов објасни дека одговорноста за нефункционирањето на хидросистемот е во Министерството за животна средина, а не во Општина Дојран.
– Министерството за животна средина е надлежно и одговорно за управување, финансирање и функционирање на овој хидросистем. Општина Дојран во повеќе наврати има испраќано дописи во кои се наведува итноста за пуштање на хидросистемот. Се одржаа и неколку состаноци на кои се утврди дека е прво потребна реконструкција, па пуштање на истиот во функција, а за сето ова беше потребно да се обезбедат средства со ребалансот на Министерството за животна средина, но со ребалансот во август месец оваа година истото не беше направено – потенцираше Ангов.