Готвачот Џејми Оливер ги повика љубителите на кашкавали да и помогнат на полицијата да ги фати луѓето кои измамиле лондонска млекарница за славниот англиски и велшки чедар во вредност од повеќе од 300.000 фунти.
„Нилс Јард Дери“, британски дистрибутер и продавач на занаетчиско тврдо сирење, испорачал 22 тони наградуван чедар врзан во ткаенина на наводен измамник кој се претставуваше како дистрибутер на големо за голем француски трговец на мало.
Лондонската компанија набрзо сфатила дека се работи за измама, пренесува Гардијан.
Оливер ја опиша кражбата на чедарот како „дрзок грабеж од шокантни размери“ и им порача на следбениците на Инстаграм да внимаваат на секој што ќе го продава овој кашкавал по ниска цена.
Меѓу украдените производи се велшкиот органски чедар „хафод“, чедарот „весткомб“ и чедарот „пичфорк“, кои имаат освоено бројни награди и се меѓу најбараните занаетчиски тврди ирења во Велика Британија, соопшти лондонската млекарница.
Цената на овие кашкавали за парче со тежина помеѓу 250 и 300 грама се движи помеѓу 7,15 и 12,90 фунти.
„Нилс Јард Дери“ додаде дека соработува со полицијата и ги повика трговците да контактираат со нив доколку се сомневаат дека им е продадено украдено сирење.