Десетици илјади Грузијци се собраа денеска пред зградата на парламентот во Тбилиси, барајќи поништување на парламентарните избори одржани во саботата, за кои грузиската претседателка Саломе Зурабишвили тврди дека биле наместени со помош на Русија.
„Не ги изгубивте изборите. Тие ви ги украдоа гласовите и се обидоа да ви ја украдат иднината, но никој нема право да го стори тоа и нема да дозволите никому да го направи тоа“, им порача Зурабишвили на демонстрантите кои вееја грузиски знамиња и знамиња на Европската унија, објави Ројтерс.
Зурабишвили, која како претседател има претежно церемонијална улога, им рече на толпата дека ќе го брани патот на земјата кон Европа од постапките на владејачката партија Грузиски сон.
„Немаме алтернатива и сакаме да ја оставиме оваа земја на следните генерации“, рече таа.
Водачот на коалицијата на Обединетото национално движење, Гиорги Вашадзе, рече дека опозицијата нема да учествува во какви било разговори со владата и дека ќе бара ново гласање под меѓународен надзор.
„Нема да влеземе во овој парламент. Ги одбиваме сите мандати. Нема да влегуваме во никакви преговори. Ќе се бориме до победа и ви ветуваме дека заедно сигурно ќе победиме“, рече тој.
Сите четири опозициски партии, кои според ЦИК го поминаа прагот од пет проценти на изборите одржани во саботата, објавија дека гласањето е наместено и дека не ги признаваат официјалните резултати.
Централната изборна комисија на Грузија ги објави прелиминарните резултати од гласањето на парламентарните избори, според кои владејачката партија „Грузиски сон – Демократска Грузија“ освоила 54.273 отсто од гласовите, пренесува Танјуг.
Партијата на поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили „Единство – национално движење“, „Коалиција за промени“, опозициските партии „Гакарија – за Грузија“ и „Лело“ објавија дека не ги признаваат резултатите од парламентарните избори.